Завршени измените на Изборниот законик, никој не знае какви се

Измените ги подготвуваше работна група во Министерството за правда, а во Собранието би можеле да се најдат уште денеска како предлог на пратеници


Фото: Б. Грданоски

 

Измените на Изборниот законик, коишто до петокот во Министерството за правда се усогласуваа од членовите на работна група, би можеле денеска да се најдат на собраниска седница како предлог на пратеници. 

Предлогот треба да биде потпишан од пратеничките групи и формално да биде доставен до Собранието. Бидејќи СДСМ го бојкотира учеството во работната група поради тоа што пржинската влада се укина без консензус, не е познато од кои пратенички групи ќе биде потпишан предлогот. Дали само од владејачкото мнозинство?

Извори од мнозинството влеат дека овој предлог би можел да биде доставен уште денеска. Јавноста нема апсолутни никаква информација за што разговараа претставниците на партиите. Наводно, во овие измени треба да бидат вградени забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, но исто така партиите усогласувале и свои предлози. Што е вградено а што не од забелешките, дали Македонија ќе биде една изборна единица, дали ќе има некаков изборен праг, или нема ништо од тоа – нема информации.

Последната средба на работната група беше во четвртокот, а до петокот последните консултации требаше да бидат завршени електронски, како што тогаш објави Министерството за правда. 

Измените на Изборниот закон се дел од обврските од Реформската агенда и се брза тие да бидат завршени во наредните неколку дена. 

Денеска со реакција се јавија девет независните граѓански иницијативи кои бараат со измените во Изборниот законик да се изедначат условите за учество на изборите со оние што важат за политичките партии, за сите учесници да имаат фер, еднаков и реално достапен изборен процес.

Тие бараат веднаш да бидат вклучени во процесот на одлучување и носење на измените на Изборниот законик.

„Најостро протестираме што Министерството за правда не одговори на листата со барања од независните иницијативи доставена на средбата во Министерството, со учество на девет независни групи. По средбата, не добивме јасен писмен одговор: дали нашите барања ќе бидат разгледани, дали се прифатливи, кои од нив ќе влезат во законските измени и кога ќе бидеме вклучени во суштинска расправа.

Меѓу нивните барања се разумен, пропорционален и реално достижен број на потребни потписи за независни кандидати и листи; можност потписите да се собираат и на терен, пред овластени лица, по јасни и контролирани правила; продолжување на рокот за собирање потписи од 15 на 30 дена; еднаков пристап до медиуми, дебати, информативни програми, билборди и платено политичко рекламирање; днаков пристап до финансирање и враќање на надоместокот според освоени гласови, под исти услови како за политичките партии.

Според граѓанските иницијативи, условите за кандидирање не смеат да бидат поставени така што ќе ги обесхрабрат или оневозможат граѓаните кои немаат партиска инфраструктура. Ова барање е во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија, кои јасно укажуваат дека потписите може да бидат услов за кандидатура, но не смеат да бидат прекумерна бариера.