Заштита на Охрид: Владата прогласи мораториум, активистите пак незадоволни


Илустрација

Граѓанските активисти бараат Владата сериозно да се погрижи за заштитата на Охридскиот регион и да не се обидува да креира илузија во однос на ова прашање. Реакцијата доаѓа од еколошката асоцијација „Фронт 21/42“ по објавувањето на предлог-законот на Владата за времена забрана за градење во Охридскиот регион. На последната владина седница се утврди новиот Предлог-закон за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и се  донесе одлука тој да биде доставен на усвојување во Собранието.

„Во Предлогот на законот се имплементирани обврските што произлегуваат од Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство на УНЕСКО и се создаваат формално-правни предуслови, преку интегрирано управување со природното и културното наследство, да се спречат активности кои негативно влијаат врз исклучителните универзални вредности на природното и културното наследство во Охридскиот регион“, соопштија од Владата.

Откако законот ќе стапи во сила, во рок од шест месеци ќе се донесе и план за управување со Охридскиот регион.

„До донесувањето на тој план времено се прекинуваат постапките за издавање одобрение за градење и постапките за вклопување на бесправно изградени објекти и времено се прекинуваат постапките за изработување и донесување на урбанистички планови, урбанистичко-плански и урбанистичко-проектни документации, како и постапувањето по донесените урбанистички планови, урбанистичко-плански и урбанистичко-проектни документации“, соопшти Владата. Тие уверуваат дека со новиот состав на Советот за следење и координација на управувањето со природното и културното наследство во Охридскиот регион ќе се зголемат капацитетите за ефективно управување со природното и културното наследство во овој регион.

Активистите на „Фронт 21/42“, сепак, не беа охрабрени. Според нив, погрешна е стратегијата на актуелната власт да купува време, за што како аргументи посочуваат примери, како што беше надзорната расправа во Собранието што заврши со заклучоци кои навидум најавија драстична промена на претходната политика и решеност за справување со илегалните активности и деструкцијата, а ниту се реализираа ниту пак некоја институција покажа намера да ја следи и обезбеди нивната реализација.

„Прикажување на работата на Комисијата за управување со Охридскиот регион како спроведување на препораката за мораториум во извештајот на нашата земја до УНЕСКО е уште еден очигледен пример. Во извештајот се наведува дека Комисијата одобрила само 8 од 33 барања кои пристигнале до неа, во обид да се почитува препораката за мораториум и да се спроведе ‘контролирана урбанизација’“, стои во реакцијата од „Фронт 21/42“. Според нив, во извештајот се изоставени одлуките за легализација на над 500 илегални градби, владините планови за Коридорот 8, новата марина, новата урбанизација на крајбрежјето, новиот кеј, планот за нова индустриска зона и слично.

Затоа тие ја поздравија одлуката на УНЕСКО да го стави Охрид на листата на светски наследства во опасност и сметаат дека тоа е единствениот начин да се зачуваат оние универзални вредности кои сè уште постојат во нашето најголемо природно и културно богатство и можеби да се унапреди состојбата на оние што се веќе уништени. (И.Н.)