Засадувањето на „модра кавчина“ и „станушина“ симбол за пријателството меѓу Северна Македонија и Словенија


Во дворот на Земјоделскиот институт – Скопје денеска беа засадени 400 години старата винова лоза „жаметна чрнина“ („модра кавчина“) и македонската автохтона сорта „станушина“ со што, симболично, беа одбележани 30-те години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Република Северна Македонија и Република Словенија.

На засадувањето присуствуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и неговиот словенечки колега Алеш Хојс, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски, словенечкиот амбасадор Милан Предан и директорот на Институтот Виктор Ѓамовски.

Присутен беше и агрономот Станислав Кочутар од Марибор, кој е чувар заштитник на „модра кавчина“ која се смета за најстарата лоза на светот.

Како што беше речено во обраќањата пред чинот на засадувањето, двете лози, „модра кавчина“ и „станушина“, ќе останат симбол и сведоштво за долгогодишната соработка и пријателството меѓу двете земји.

-Засадувањето на најстарата словенечка лоза и нашата автохтона сорта „станушина“ има силна симболика со која сакаме да ја потврдиме и уште повеќе да ја развиеме нашата досегашна соработка во сите општествени сфери. Од особена важност е партнертсвото во чувањето на биодиверзитетот, развојот на зелената економија и одговорното користење на природните ресурси, истакна ректорот Јанкуловски.

Директорот на Институтот, Ѓамовски рече дека пријателите никогаш не се оставаат сами.

-Затоа, друшто на „жаметна чрнина“ ќе и прави најстарата македонска авотхтона сорта „станушина“. Двете лози ќе бидат жив споменик на македонско-словенечкото пријателство кое ќе биде преточено во македонско-словенечко вино, истакна Ѓамовски.

Словенечкиот министер Хојс во оваа прилика потенцира дека неговата земја останува голем поддржувач и партнер на Северна Македонија.

-Бевме прва држава која отвори своја амбасада тука и меѓу првите три земји кои ја признаа независноста на Македонија. Нашите дипломатски односи покажаа дека нитките кои беа скинати при распадот на Југославија може повторно да бидат воспоставени на сосема други основи, истакна Хојс.

Неговиот македонски колега, министерот Спасовски, го апострофираше фактот дека токму Словенија беше и остана доследен и лојален партнер на нашиот европски и евроатлантски пат.

-Немам дилема дека така ќе биде и во времето пред нас, посебно во контекст на нашето полноправно асоцирање во ЕУ каде Словенија е кредибилен фактор и наш поддржувач. Одбележуваме значаен датум. Да покажеме не само на просторот на поранешната држава, туку и пошироко, како може кога постојат добра волја и низа заеднички интереси, соработката да се интензивира, одржува, негува и продлабочува . Сите овие години како држави споделуваме исти вредности, а и денес не е ништо поинаку, подвлече Спасовски.

Тој се осврна и на соработката во доменот на полицијата, напоменувајќи дека е заедничка борбата против организираниот криминал, корупцијата и недозволената трговија зашто клучна е, како што рече, безбедноста и сигурноста на граѓаните.

-По големиот мигрантски грант, последниве години словенечките колеги заедно со македонската полиција интензивно работат на заштита и превенција на нашата јужна граница. Нашата билатерална соработка и соработката на мултилатерално ниво е силен доказ и влог да продолжиме таму каде што стигнавме и во годините пред нас да ја динамизирме и продлабочиме соработката, истакна министерот Спасовски.

„Жаметна чрнина“ е најстарата винова лоза во светот и тоа е потврдено уште во 1972 година. Се смета дека лозата датира од 1450-та година. Во 2004 година била запишана и во Гинисовата книга на рекорди. Во 1959 година Марибор почнал да им дели калеми на збратимените градови низ светот поради што лозата денес е застапена низ целиот звет, од Австралија до Јапонија, преку Шпанија и Аргентина.

Со калемот што беше денеска дониран, Скопје се вброи меѓу градовите како Рим, Париз, Берлин, Лондон, Будимпшешта, Љубљана, Виена,….

Настанот по повод засадувањето на двете лози беше збогатен со настап на хорот „Франец Прешерн“ кој ги изведе македонската и словенечката химна.