„Запри Србијо“ во 11.52 акција во спомен на 15-те лица загинати при падот на настрешницата во Нови Сад


Падот на настрешницата и бројните жртви го потресоа регионот

Се повикуваат граѓаните на Србија денеска во 11:52 часот да застанат 15 минути во акцијата „Запри Србијо“ и да им оддадат почит на загинатите при падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, јави дописникот на МИА од Белград.

Претставници на иницијативата „Проглас“, како и дел од академската јавност и опозициските партии, упатија покана до граѓаните да застанат на симболични 15 минути во 11:52 часот во спомен на 15-те жртви.

Акцијата е закажана во Нови Сад и Белград, на повеќе локации, а претставници на иницијативата „Проглас“ ги повикаа сите граѓани на Србија да се приклучат, без разлика каде се наоѓаат во тој момент.

Членот на „Проглас“, Гојко Божовиќ рече дека оваа акција треба да покаже дека граѓаните се сеќаваат на имињата на жртвите и дека како сограѓани се чувствуваат лошо поради трагедијата што се случи.

Во Белград претставници на „Проглас“ ќе бидат на четири локации – Студентскиот плоштад, раскрсницата кај „Лондон“ во улицата „Кнез Милош“, крстосницата на булеварот на „Крал Александар“ и улицата „Београдска“, а во Нов Белград – раскрсницата на Булеварот на уметноста и Булеварот на Арсениј Чарнојевиќ.

Според најавите на социјалните мрежи, таму ќе бидат и студенти, а акцијата беше најавена и пред зградата на Радио телевизија на Србија, на улицата „Таковска“, каде ќе се одржи иницијативата „Мостот останува“.

Од Партијата на слободата и правда најавија дека ќе се приклучат на акцијата кај Бранков мост, од страната на Стар град.

Група наставници и соработници на Филозофскиот факултет во Нови Сад ги поканија вработените и студентите на Универзитетот во Нови Сад да се приклучат на акцијата во тој град.

И опозицијата од блокадата пред новосадскиот суд и обвинителството упати покана до граѓаните на цела Србија да застанат во 11:52 часот на симболични 15 минути во спомен на 15-те жртви.