На Антонио Милошоски продолжува да му се суди во случајот „Моќник“ за измама

За 10 обвинети постапката се прекинува поради застареност според новиот КЗ, но тројца, меѓу кои и Антонио Милошоски, ќе одговараат за „измама“


Фото: Б. Грданоски

 

Судот денеска донесе решенија со кои за 10 обвинети во случајот „Моќник“ постапката се запира заради застареност, додека за тројцата обвинетите Милош Милошоски, Милосим Војнески и Антонио Милошоски судењето за кривичното дело „измама“ продолжува.

-На денешната главна расправа за предметот со КОК бр. 2616/20 од познат како „Моќник“, надлежниот јавен обвинител кај 10 од обвинетите изврши преквалификација на кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.2 вв со ст.1 вв со чл. 22 од КЗ во чл. 353 ст.1 од КЗ и согласно одредбите од чл. 107 и чл. 108 од КЗ побара примена на поблагиот закон, информираат од Основен кривичен суд Скопје. 

Судот, постапувајќи по предлогот на јавниот обвинител и согласно одредбите од КЗ донесе решенија со кои за обвинетите постапката се запира заради застареност, додека за тројца од обвинетите – М.М., М.В. и А.М. судењето за кривичното дело „измама“ од чл. 247 ст.4 вв ст.1 вв со чл. 22 од КЗ продолжува на следната расправа насрочена за 9 и 28 ноември 2023  година во 10 часот.

„Моќник“ е случај што го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство. Прво и второобвинети во случајот се Милош Милошоски и поранешниот градоначалник на Македонски Брод, Милосим Војнески, а третообвинет е пратеникот Антонио Милошоски.

Според Обвинителството, прво и второобвинетиот се товарат дека сториле „измама”, третообвинетиот дека сторил „измама” и „злоупотреба на службената положба и овластување”. Со обвинителниот акт останатите 10 опфатени лица се товареа дека сториле „злоупотреба на службената положба и овластување”.

– Во текот на 2011 година прво и второ обвинетиот,  заеднички, со намера првообвинетиот да прибави противправна имотна корист ги довеле во заблуда советниците во Советот на општина Македонски Брод, со лажно прикажување и со прикривање на факти за правниот статус и вистинската вредност на недвижностите – предмет на продажба. Тие ги навеле советниците да изгласаат одлука за отуѓување на недвижен имот за кој советниците сметале дека е „поранешниот задружен дом“, а всушност одобриле отуѓување на зграда со корисна површина од 157м2 со дворно место од 3.920 м2 во с.Ижишта-Општина Македонски Брод, која ја користела општина Пласница, соопштија од Обвинителство.