Започна второто анкетно истражување за предизвиците од тековната криза предизвикана од КОВИД-19


Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), во соработка со Меѓународната организација на трудот, започна со спроведување на второто анкетно истражување, коешто треба да даде увид во предизвиците со кои се соочуваат работодавачите во кризата предизвикана од КОВИД-19.

Истражувањето се спроведува по електронски пат, преку анкетен прашалник кој е доставен до членките на ОРМ, а истиот е достапен и за останатите компании преку линкот: https://actemp.syd1.qualtrics.com/jfe/form/SV_exiJWGMjzo7AsAZ?Q_Language=MK
Целта е што поголем број микро, мали, средни и големи компании од сите сектори да дадат информации за нивната тековна состојба и мерките што ги преземале за да се приспособат кон новите услови и да ги ублажат проблемите со кои се соочуваат во актуелната криза, како и за видот на поддршка од Владата што е најпотребна и најсоодветна.

Врз основа на повратните информации што ќе се добијат преку ова истражување, Организацијата на работодавачи на Македонија ќе ги идентификува итните потреби на бизнисот и соодветно ќе ги преточи во предлози до Владата кои треба да послужат при креирање на новите економски мерки за справување со актуелната криза.

Организацијата на работодавачи на Македонија уште од почетокот на кризата предизвикана од вирусот Ковид-19, преку учество во националниот Економско-социјалниот совет, доставува свои предлог мерки и активности до државните институции, со цел полесно надминување на вонредната ситуација.

Значителен дел од предложените мерки од ОРМ, кои се засноваа на податоците од првичното истражување, беа прифатени од страна на Владата и беа преточени во активни мерки и уредби.

Такви се, на пример, мерките кои се однесуваат на примената на Законот за работни односи во делот на исплатата на платите на работниците во услови кога на компаниите им е оневозможено да работат и да ја обавуваат својата дејност, како и мерките преточени во уредби и закони кои се однесуваат на финансиската поддршка за компаниите и работодавачите од приватниот сектор кои се соочуваат со пад на приходите, а кои ќе овозможат исплата на плати и придонеси за работниците и ќе ја спречат загубата на работни места.