Започна реконструкцијата на јавните пешачки површини кај ТЦ „Три бисери“


Општина Аеродром започна со реализација на уште еден значаен и капитален инфраструктурен проект – целосна реконструкција на пешачките површини кај ТЦ „Три бисери“, простор што секојдневно го користат голем број граѓани.

Со овој проект ќе се уредат околу 4.000 квадратни метри јавен простор, на потегот покрај бул. „Јане Сандански“ – од зграда број 7 до зграда број 11.

При тоа, старите и дотраени павер-елементи се заменуваат со нови и современи, со што овој фреквентен дел од Аеродром ќе добие модерен и уреден изглед. По неколку децении, конечно се создаваат услови за поголема безбедност и поквалитетен јавен простор за жителите, но и за сите посетители на трговскиот центар.

Оваа инвестиција е со вредност од 17,2 милиони денари, а  претставува уште еден чекор кон системско подобрување на инфраструктурата и урбаниот изглед на општината.