Закопана идејата за „обратно проширување“ на ЕУ. Надежите беа потопени на една вечера
Во моќните главни градови на Унијата нема апетит за идеите на Урсула фон дер Лајен. Сега ќе бара нов модалитет за проширувањето или ќе се остане на стариот
Надежите на Украина и некои земји од Западен Балкан за забрзано членство во Европската унија беа потопени на вечера во Брисел, при што амбасадорите на ЕУ му кажаа на моќниоот шеф на кабинетот на Урсула фон дер Лајен, Бјорн Зајберт, дека земјите-членки нема да го прифатат контроверзниот предлог на Комисијата за „обратно проширување“.
Отпорот ефикасно го исклучува моделот „прво членство, а потоа интеграција“ што извршната власт го туркаше во обид Украина да се приклучи до 2027 година. А покрај неа и други земји. Од регионов најзагреани за таа идеја беа Србија и Албанија, додека Црна Гора, која е отидена најдалеку во преговорите, е против членство во ЕУ без право на глас. Молдавија, исто така, беше расположена за оваа идеја, додека Македонија немаше јасно дефиниран став.
Оваа одлука е особено силен удар еден удар за Киев, бидејќи ЕУ, исто така, се обидува да спаси итно потребен пакет финансиска помош, кој е заглавен поради блокадата на Унгарија.
Како што јавуваат бриселските медиуми „Политико“ и „Еурактив“ таа одлука не беше донесена на вечерата на амбасадорите со Зајберт. Неколку клучни главни градови веќе го координираа својот цврст став за пристапувањето на Украина во ЕУ и други земји пред вечерата на која Зајберт го изложил размислувањето на Комисијата за механизмот за обратно проширување.
Обратното проширување подразбира доделување членство, а потоа и прогресивно градење привилегии. Тоа беше една од четирите опции што ги циркулираше Комисијата пред вечерата во средата.
Еден дипломат ја опишал за „Политико“ атмосферата на вечерата како „нормална“, но дека пораката од главните градови била директна. „Готово е. Обратното проширување не води никаде“, изјавил друг дипломат, сугерирајќи дека Зајберт можеби ќе мора да ја преиспита централната идеја на Комисијата.
Други дипломати велат дека оние од Комисијата што ја промовирале идејата за обратно проширување „создадоа лажни надежи. „Сега, мора да го исправиме тоа и да им кажеме: Па, всушност, ова обратно проширување е мртво при пристигнувањето“.
Нацрт-заклучоците за Европскиот совет на 19 март – кои веќе почнаа да циркулираат – се однесуваат и на спорот за заемот и на дебатата за проширување. Првичните нацрти сугерираат дека од лидерите се очекува да го поддржат традиционалниот пристап на блокот кон пристапувањето базиран на заслуги на следниот самит на ЕУ, зајакнувајќи ја преференцијата на главните градови за постојната рамка. Тоа би ја оставило надежта на Комисијата дека Украина наскоро ќе се приклучи како целосно мртва.
„Сакаме да ја закотвиме Украина во ЕУ… но не можеме да ги искинеме нашите процедури и да го отфрлиме системот базиран на заслуги“, рече друг дипломат. „Поентата е да се најде реалистичен пат напред“ – „реалистичен“ е код за нешто што ги зема предвид политичките чувствителности на националните главни градови.
На прашањето на „Политико“ зошто Зајберт беше на амбасадорскиот состанок, а не комесарката за проширување Марта Кос, еден дипломат се пошегува: „Знаеме дека Комисијата е пирамидална. Корепер не сака да губи време. Треба да разговара директно со Бога“.
Кос во средата беше во Берлин, каде што ја бранеше потребата од ново размислување за проширувањето. Сегашниот модел датира од пристапувањето на Шпанија и Португалија пред повеќе од 40 години и беше „дизајниран за стабилен свет базиран на правила што повеќе не постои“, рече Кос.
Еден висок функционер на ЕУ изјави дека проширувањето се појави во Корепер во голема мера „поради вревата создадена од дивите идеи“. А европратеничка Натали Лоазо од групата Обнови ја Европа реагираше слично, предупредувајќи дека пристапот ризикува да создаде „конфузија кај земјите-членки и разочарување кај земјите-кандидати“.
Комисијата, според она што може да се дознае, се залага за три главни опции за иднината на политиката на проширување. Првата би го оставила сегашниот систем непроменет, задржувајќи ги Албанија и Црна Гора како фаворити, со цел да се приклучат пред крајот на политичкиот мандат на ЕУ во 2029 година.
Според втората опција, позната како „постепена интеграција“, земјите-кандидатки би се придружиле на повеќе иницијативи и програми на ЕУ без формално да влезат во блокот, оставајќи ја пречката за ратификација низ сите 27 главни градови за подоцна. Експертите го гледаат ова како подобра опција. Но, тоа би ги разочарало земјите како Украина.
Третата опција – најрадикалната – е она што шефицата за проширување Марта Кос го нарекува „фазна интеграција“, заменувајќи го апсурдно звучното „обратно проширување“. Според овој пристап, земјите би добиле брз формален влез, договорен од сите 27 земји, а потоа би ги достигнале реформите подоцна. Ратификацијата само ќе стане посложена, со растечката крајна десница во Европа. Некои дипломати велат дека протекувањето на идејата за обратното проширување помогнала да се стимулира проектот во развивање.
Уште пред Бјорн Зајберт да вечера со амбасадорите од моќните европски градови стигнаа пораките дека обратното проширување е идеја која можеби е привлечна, но не е изводлива.
Новиот холандски премиер Роб Јетен, кој беше на визита за запознавање во Брисел во вторникот и се сретна со сите клучни луѓе го нагласи воздржаниот тон. Таа воздржаност беше учтиво изнесување на противењето. „Ние сме многу отворени за да разгледаме поширока поддршка“, им рече тој на новинарите во еден ден исполнет со состаноци. „Но, премногу брзо движење, мислам, не е начин да се движиме напред“. Но тој додаде дека новата холандска влада сака помала едногласност во донесувањето одлуки во ЕУ, позиција што би го ослабнала правото на вето на кое често се потпираат Унгарија и другите.
„Во моментов не е можно да се одреди датум за проширување со Украина“, додаде тој, ветувајќи континуирана општа поддршка.
Претходно германскиот канцелар Фридрих Мерц истури ладна вода врз надежите на Киев за приклучување до 2027 година. Австрија, Шведска и Франција, исто така, ја нагласија условеноста пред брзината.
Во Македонија не сакаа премногу да се зборува за таа идеја за обратно проширување, затоа што државата ќе нема право на глас, а сепак ќе треба да ги направи уставните измени претходно. Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за Канал 5 направи сопствено распоредување по групи кое е поинакво од она за кошето се зборува во Брисел и рече: „Постои идеја што добива на интензитет во Брисел, а која го зема предвид мировниот план на Украина, во кој интеграцијата на земјата во ЕУ би се забрзала, со цел идна реконструкција. Ова би било непринципиелно кон Западен Балкан и за ова постојат две сценарија. Првото сценарио е Украина, заедно со Црна Гора, Албанија и Македонија, да се приклучат кон ЕУ на почетокот на 2027 година, но без право на глас, што значи да учествуваат во активностите на Советот, Комисијата, сите тела и поврзаните контролни механизми. Оваа интеграција би се случила во 2027 година. Втората опција е да се приклучат и други земји од регионот – Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Молдавија“.
Премиерот Мицкоски неодамна изјави дека македонското знаме ќе се веело во Брисел во 2027 затоа што ќе сме станеле членка на ЕУ на овој или на оној начин. Од тие надежи нема веќе ништо. (Љ.П.)