Законот за правична застапеност на 12 и 13 декември на расправа во Венецијанската комисија
Владата го овласти заменик-претседателот Арбен Фетаи да ја претставува на пленарната седница на Венецијанската комисија, која ќе се одржи на 12 и 13 декември во Венеција, на која на дневен ред ќе биде Предлог-законот за правична и адекватна застапеност.
Според соопштението, овој закон претставува системски и институционален акт од особено значење, бидејќи за првпат јасно го дефинира со закон принципот што произлегува од Охридскиот рамковен договор, предвидувајќи функционални механизми за спроведување и создавање на меѓуинституционално координативно тело одговорно за неговата имплементација.Заменик-претседателот Фетаи истакна дека усвојувањето на овој закон коригира институционална неправда наследена повеќе од 20 години и поставува стабилна правна основа за реална еднаквост во јавната администрација и во институциите на државата.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, изјави дека веднаш по добивањето на конечниот став од Венецијанската комисија, законот ќе биде проследен за усвојување во Собранието.
Законот за правична и адекватна застапеност требаше да биде усвоен уште во 2003 година, а по повеќе од две децении задоцнување, сега за првпат се третира како целосно и функционално нормативно решение.