Законот за „црните листи“ заглави во Собрание
Борбата со корупцијата и криминалот се претвора во маратон со многу пречки: Што и да се направи на тој план наидува на опструкции и на блокади.
Последен таков обид се измените на Законот за рестриктивни мерки, на кој многу експерти му наоѓаа илјада мани, а откако беше повлечен од Собрание и повторно вратен во процедура на 7 февруари, чека термин во Комисијата за надворешни работи со која претседава Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според процедурата, измените на законот мора најпрво да бидат одобрени во оваа комисија пред да се најдат на пленарна расправа во Собранието, но иако неговото подготвување одеше по брза лента и беше гласно најавувано, сега не се знае кога и дали воопшто ќе се најде на дневен ред на Комисијата за надворешна политика и дали воопшто ќе се расправа пред да престане со работа овој парламент.
Кога ја претставуваше иницијативата за промена на законот министерот Бујар Османи тврдеше дека никој нема да се осмели да го спречи неговото донесување, сугерирајќи дека никој нема да има храброст да ги игнорира очекувањата на САД од нашите институции кога некој од нашите граѓани ќе се најде на листата за санкции на САД поради корупција, криминал и други причини.
Со законот е предвидено проширување на неговите цели и во него како причина за рестриктивни мерки се додава: „борба против корупцијата, злоупотребата на службената должност и хибридните закани врз државата“. Со законот се предвидува забрана за кандидирање, забрана за вршење на јавна функција и забрана за учество во јавни набавки за правни лица кои ќе се најдат на црните листи на САД. Досега листите доаѓаа, а санкционираните опстојуваа на функциите, додека судството само гледа отстрана.
Преку овој закон Владата ќе постигне стопроцентна усогласеност со европската надворешна и безбедносна политика, рече тогаш бујар Османи.