Законот за бранителите не смее да помине, вели Иџет Меџити
Првиот потпретседател на владата, Изет Меџити денеска преку статус на Фејсбук рече дека предлог-законот поднесен од Славјанка Петровска (СДСМ) не може, а и не смее да помине во Собранието. Изет Меџити објави дека законот за бранителите нема да помине.
„Нашите пратеници се против дополнување на законот за бранителите, без закон за привилегии на припадниците на УЧК. Јавно прашувам: дали законот за бранителите е обид за поттикнување меѓуетнички тензии и дефокусирање на вниманието на јавноста од фрапантно криминално богатење на челниците на ДУИ?“, напиша Меџити.
Тој тврди дека ДУИ, СДСМ и Левицата ги здружиле силите за да ги реализираат предупредувањата за дестабилизација на државата и поттикнување етнички тензии, како со законот за бранителите.
Со предлог-законот на Петровска се предвидува зголемување на надоместокот по степен на попреченост од 1.200 евра како максимална месечна вредност на 82 илјади евра доколку степенот на инвалидност е 100 проценти како еднократен надомест.
„ДУИ преку СДСМ на дневен ред во Собранието го става законот за бранители. ДУИ преку СДСМ и Левица го напаѓа претседателот на Собранието Африм Гаши и бара негово разрешување само затоа што е Албанец. ДУИ преку СДСМ сака да го укине албанскиот јазик како службен. Сите овие обиди остануваат неуспешни, бидејќи ‘Вреди’ е гарант за правата на Албанците во оваа држава“, напиша Меџити.
Вербална, но не и конкретна поддршка за бранителите најави и премиерот Христијан Мицкоски кој за поднесениот предлог-закон рече дека е само обид за етнички тензии.
„Бранителите ја имаат, ја имале и ќе ја имаат мојата недвосмислена поддршка. Овој закон е поднесен од пратеничката Славјанка Петровска и интересно е што кога се гласаше за потребата за носење на дневниот ред, СДСМ ја напушти седницата. Самата пратеничка не го поднесува законот затоа што им мисли добро на бранителите, туку за да создадат повторно етнички тензии и нетрпеливост. Таа е картата на која тие и другите опозициски партии ќе играат во периодот што следи“, оцени премиерот.