Законите за стратешките енергетски инвестиции нема да бидат на владина седница, тие се во собраниска процедура, вели Битиќи


Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска изјави дека предлог-законите за четирите стратешки инвестиции од областа на енергетиката, меѓу кои и оној за когенеративната гасна централа во Скопје на грчки Митилинеос, не можат да бидат на владина седница, бидејќи тие се во собраниска процедура

„Не може да се најдат на владина седница, тие се во собраниска процедура. Таму е помината фазата во која се утврдува потребата за донесување на четирите закони по скратена постапка. Се очекува да се закаже комисијата на која ќе се расправа за сите четири закониски предлози“, рече Битиќи одговарајќи на прашање на новинарите пред увидот на новоизграденото основно училиште „Визбегово“ во Општина Бутел.

Тој вели дека сега судбината на законските предлози е во рацете на пратениците.

 „Сите пратеници ќе имаат можност, кога ќе се закаже комисијата, да дадат амандамани ако треба нешто да се смени. Ние на најтранспарентен и отчетен начин тоа го направивме, сите услови од договорот се објавени, ги има целата јавност, ги имаат сите пратеници. Ние како повереници и јас лично како повереник заедно со другите од службата сме достапни да објасниме, да дообјасниме нешто што не е доволно јасно. Не убедуваме никого, затоа што договорот е на маса. На крај, самите пратеници треба да одлучат каква ќе биде судбината на секоја една инвестиција“, рече Битиќи.

Инаку, за вчера беше најавено дека Владата, на иницијатива на министерот за економија Крешник Бектеши ќе расправа за овие стратешки проекти, пред се за предлог договорот со Митилинеос, за кој во експертската јавност се забележува дека ќе добие неколкукратна државна помош.

 

На истата тема:

За Битиќи нема ништо спорно во стратешките енергетски инвестиции