Захарова тврди: Голем број земји барале средба со Лавров


Марија Захарова

Голем број земји поднеле барања за билатерални средби со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на состанокот на министрите за надворешни работи на ОБСЕ, кој денеска и утре ќе се одржи во Скопје.Ова за државната руска агенција ТАСС изјавила портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

„Навистина можам да потврдам дека има многу барања за билатерални средби. Ќе има и мултилатерални состаноци. Планирани се и билатерални“,рече таа на брифинг со новинарите.

Инаку, се очекува состанокот на ОБСЕ да го одбележи присуството на првите дипломати на САД и Руската Федерација, Ентони Блинкен и Сергеј Лавров. Иако нема најава за нивна заедничка средба, но токму ова го прави настанот еден од ретките на кој ќе се најдат двајцата на исто место од почнувањето на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Сепак, вчера повеќе држави го откажаа присуството на своите министри за надворешни работи.Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба вчера соопшти дека нема да учествува на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. Причината за ваквата одлука, како што се посочува, е тоа што „Русија постојано го уништува ОБСЕ“, очигледно алудирајќи на најавеното присуство на самитот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.И Естонија, Летонија и Литванија официјално соопштија дека ќе го бојкотираат Министерскиот совет, доколку на него присуствува и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Шефот за европската дипломатија Жозеп Борел, пак, вчера најави дека ќе допатува во Скопје, но нема да разговара со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Борел ќе присуствува само на официјалната вечера на ОБСЕ во Скопје, најави дека нема да разговара со Лавров. И американскиот амбасадор во ОБСЕ, Мајкл Карпентер, навести дека не се очекува средба меѓу Лавров и Блинкен и уште повеќе – дека нема ни да им се „вкрстат патиштата“ во Скопје, веројатно поради најавите дека Блинкен ќе биде присутен само на официјалната вечера и веднаш ќе си замине од Македонија. Американската делегација до крајот на состанокот ќе ја преставуваат Џејмс О’Брајан, помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија и амбасадорот во Виена Карпентер.

Познато е дека на агедната на Блинкен ќе бидат две работи, меѓу кои и помошта за Украина од западните сојузници. Тој денеска изјави дека нема замор во НАТО во врска со ова прашање и дека членките се едногласни.  Втората работа која треба да ја соопшти Блинкен е да ја истакне улогата на Македонија во ОБСЕ.

Всушност, Блинкен на самитот прво ќе се сретне со македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи кој, пак, ќе допатува од Брисел,а потоа ќе присустува на неформалната вечера во 19 часот во хотелот „Александар Палас“.

По вечерата ќе има културна програма на која ќе настапат музичарите Влатко Стефановски, Теодосиј Спасов и Дамир Имери.