Загриженоста за снабдувањето ја зголеми цената на нафтата на 104 долари


Цената на нафтата се искачи на 104 долари на меѓународните пазари во понеделникот, бидејќи послабиот долар и загриженоста за испораките на гас од Русија ги засени стравувањата од рецесија и заклучување во Кина.

На лондонскиот пазар цената на барелот за испорака во септември беше повисока за 2,34 долари во однос на затворањето на крајот на минатата недела и изнесуваше 103,50 долари. На американскиот пазар барелот се тргуваше за 1,89 долари поскапо, по 99,48 долари.

Пазарите беа потресени минатата недела од стравувањата дека зголемувањето на каматните стапки во САД може да предизвика рецесија што силно ќе ја погоди побарувачката на нафта, пренесува СЕЕбиз.

Денеска вниманието на пазарот се сврте кон рускиот гасен гигант „Гаспром“ и неговото прогласување за виша сила за снабдување со гас на најмалку еден голем клиент во Европа, се вели во писмото што го видел Ројтерс.

Извор во трговските кругови изјави дека најавата се однесува на испорака на гас преку гасоводот Северен тек 1, главната рута за снабдување на Германија и некои други земји.

„Цената на нафтата во Лондон ќе добие поткрепа на крајот на неделата, доколку Русија не ја затвори славината за гас за Германија по завршувањето на работите околу одржувањето на „Северен тек 1“, изјави Џефри Хали од ОАНДА.

Трговците продолжуваат да се грижат за масовното тестирање за Ковид 19 во некои делови на Кина, што предизвикува загриженост за побарувачката на нафта кај вториот по големина потрошувач на нафта во светот.

Стравувањата од побарувачката во врска со новиот бран на зарази со Ковид-19 во Кина се совпаднаа со нестабилната економија и отпорното руско производство и ги притисна цените на нафтата, забележуваат аналитичарите на Barclays.

Сепак, на руските барели ќе им биде потешко и потешко да го најдат патот до пазарот, колку е поблиску ембаргото на ЕУ за нафта од Русија, што значи притисок врз цената, додаваат тие.

Американскиот претседател Џо Бајден, пак, за време на неговата посета на Саудиска Арабија не успеа да добие ветување за поголемо производство. Бајден сака повеќе барели од Персискиот Залив за да ги олади цените и да ја олесни инфлацијата.

Во посебен извештај, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) денеска објави дека барел од нафтената кошничка на нејзините членки во петокот изнесувал 104,39 долари, што значи дека поскапела за 1,73 долари во однос на претходниот работен ден.