Загадувањето во Гостивар е од системски пропусти и непостапување на институциите, вели Блупринт групата
Блупринт групата за реформи во правосудството остро реагира за случувањата околу загадувањето на водата за пиење во Гостивар. Овој случај не претставува само изолиран инцидент, туку сериозен индикатор за можни системски слабости. Начинот на кој институциите постапувале, односно евентуално не постапувале, отвора сериозни прашања за институционалната одговорност и за тоа дали биле исполнети законските обврски за заштита на здравјето на граѓаните, што треба да биде предмет на темелна и независна истрага.
Неопходно е да се утврди дали надлежните органи имале или требало да имаат сознанија за потенцијалното загадување и за ризиците по здравјето на населението, но не презеле соодветни и навремени активности за нивно спречување или ограничување. Доколку се утврди такво непостапување, тоа не може да се третира како обичен пропуст, туку како сериозно нарушување на обврската на институциите да постапуваат со должно внимание, согласно принципите на законитост, одговорност и заштита на јавниот интерес.
Во таа насока, неопходно е Основното јавно обвинителство да спроведе брза, темелна и ефикасна истрага, со целосно утврдување на кривичната и евентуалната институционална одговорност на сите лица кои придонеле за загрозување на здравјето на граѓаните. Истрагата не смее да се ограничи само на утврдување кој ја поставил незаконската инсталација, туку мора да ги опфати и сите околности поврзани со функционирањето на системот за мониторинг, инспекцискиот надзор, лабораториските анализи, начинот на земање примероци и евентуалната одговорност на службените лица кои биле задолжени за контрола на квалитетот на водата.
Ниту Владата ниту надлежните здравствени институции досега не обезбедија јасни и целосни информации за времетраењето на ограничувањата за користење на водата, критериумите за нивно укинување и временската рамка за нормализирање на состојбата. Во услови на директен ризик по јавното здравје, граѓаните имаат право навремено да знаат не само што се случило, туку и кои мерки се преземаат, кои ризици постојат и што можат да очекуваат во наредниот период, велат од Блупринт групата.