Заев за оставките: Секој е заменлив, но нема разрешувања пред избори
Никој не е венчан за ниедна функција ниту, пак, од татко му е наследена. Секој е заменлив, но истовремено не смееме да се поставуваме несоодветно затоа што некој поради скриени политички побуди или други скриени намери бара нешто. Треба чесно, транспарентно, отворено да дискутираме, рече премиерот Зоран Заев во коментар на прашањето што треба да се случи за да се разбуди моралната одговорност кај претставниците на власта.
Тој смета дека чувството за морална одговорност е пробудено и го поздравува потегот на министерот Венко Филипче, неговиот заменик Илир Хасани и на двајцата директори на тетовската болница, Флорин Бесими и Артан Етеми, кои поднесоа оставки по трагедијата во модуларната болница во Тетово. Сепак, и денеска повтори дека одлука за понудените и поднесените оставки ќе соопшти кога ќе бидат готови извештаите од истрагата односно вештачењата и форензичката анализа.
-Јас само можам да упатам апел, тоа што граѓаните го бараат – постапката професионално и експертски целосно да се заврши и колку што е можно побрзо. Граѓаните заслужуваат одговори. Кога ќе бидат соопштени наодите од вештачењето и форензиката, тогаш ќе го кажам и моето размислување по повод поднесените оставки од министерот, заменик-министерот, директорот и економскиот директор на болницата, истакна премиерот.
Зборувајќи за моралната одговорност, тој вели дека министерот, заменикот и директорите уште првото утро по пожарот сакале да повлечат чекор, но тука нагласува и дека поради тоа што е изборен период не може да има разрешувања.
-Не смеете да разрешувате или решение да потпишете. не смеете да именувате. Изборниот законик е јасен и соодветно се прават чекорите. Ако мислите дека треба целата Влада, Парламентот, здравстените институции да се распуштат, да дадат оставка, нека се побара тоа, но тоа на изборите лужето секогаш можат да го кажат. Јас сум одговорен човек и сме знаеле многу често да прифатиме одговорност, затоа и отидовме на избори по францускиот потег, но добивме чест да ја водиме државата. Функциите се пред се одговорност, да бидеме луѓе, да бидеме чесни граѓани и да ги следиме примерите на најсовремените демократски земји, истакна премиерот.
Заев зборуваше и за раководењето со здравствените институции, односно за тоа дали поставувањето в.д. директори отвора можност за политичко влијание. Тој тврди дека во моментов 80 отсто од директорите се со трајни решенија и оти првично се поставуваа вршители на должност со цел постапките да бидат транспарентни, односно да се даде можност потоа на компетитивна основа да се пријават и други.