Заев во прва премиерска посета на Шпанија
Премиерот Зоран Заев, заедно со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, денеска попладне заминува за Мадрид, што е прва посета на Кралството Шпанија на премиерско ниво.
Заев во Мадрид доаѓа од Брисел каде што вчера имаше средби со претседателката на Европската комисијата Урсула фон дер Лајен и со други високи претставници на Европската унија и Европскиот парламент, на кои побара да се одблокира европскиот пат на С Македонија и порача дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет, наметнати како прашања од Бугарија, воопшто не смеат да бидат тема на разговор.
Според најавата од владината прес-служба, Заев утре во Мадрид ќе има средба со претседателот на Владата на Кралството Шпанија Педро Санчез и со Пилар Лоп Куенка, претседателка на шпанскиот Сенат.
Предвидена е средба и со Антони Гараменди, претседател на Шпанската конфедерација на работодавачи.
Заев од Мадрид ќе замине за Атина, каде што ќе учествува Економскиот форум Делфи.
Во Атина претседателот на Владата Заев ќе има средба со премиерот на Грција Киријакос Мицотакис.
На маргините на Економскиот форум Делфи, Заев ќе има одделни средби со Алексис Ципрас, поранешен премиер на Грција и лидер на СИРИЗА, со Тони Блер, поранешен премиер на Велика Британија, како и со други политички претставници од меѓународната сцена и со претставници на компании и стопански комори.