Заев уште во 2019 знаел за Еуростандард банка, вели банкарскиот систем е стабилен
Претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новата влада, Зоран Заев, како поранешен премиер бил запознат со состојбите во Еуростандард банка уште во 2019 година. Ова тој го соопшти вечерва по седницата на Централниот одбор на партијата на која беше дадено зелено светло за кандидатите за министри од редот на СДСМ. Без оглед на случувањата со Еуростандард банка, банкарскиот систем кај нас е стабилен и сигурен, порача Заев.
„Јас како претседател на Владата уште во 2019 година бев информиран за состојбата во Еуростандард банка од извештаите кои редовно ги добивав, за намалување на адекватноста на капиталот, докапитализацијата и за сите движења кои што се случуваат“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање. „Секако, надлежноста е комплетно на Народната банка. Ниту Владата, ниту премиерот, ниту било кој ресор имаат било каква надлежност во банкарскиот сектор. Секако, секоја политичка влада секогаш им укажува на сите да се најде решение, да се најде инвеститор…“, додаде тој.
Заев исто така објасни дека подоцна, иако не бил претседател на Владата, сепак, со оглед што неговата политичка партија ја водеше доминантно техничката влада, бил запознат дека до последен момент се правеле напори да се најде стратешки инвеститор за самата банка од страна на нејзините сопственици, како и дека Народната банка била флексибилна.
„На крајот, согласно законот, гувернерката и нејзиниот тим донесоа одлука“, рече Заев.
Зборувајќи за надлежностите кои штго се во делокругот на Владата, а тоа е Фондот за осигурување на депозитите, Заев нагласи дека оваа институција има 17,5 милијарди денари на своите сметки, кои што се вложени во хартии од вредност во државата и во други институции.
„Обештетувањето за Еуростандард банка е 4,4 милијади денари, значи помалку од една четвртина или околу една четвртина од износот со кој што располага Фондот. Тоа е гаранција за сите депозити во државата. Секако, верувам дека покрај депозитите до 30 илјади евра кои што се гарантирани од самиот Фонд, и сите други депозити над 30 илјади евра ќе бидат обештетени од стечајната маса. Тоа е работа на стечајниот управник, има квалитетен имот во делот на Еуростандард банка, главната зграда во центарот на Скопје, испостави насекаде низ државата… Конечно, очекувам од стечајната маса да биде обештетен и Фондот за осигурување на депозити кој ќе исплати 4,4 милијарди денари“, рече Заев.
Тој потенцираше дека банкарскиот систем кај нас е стабилен, како и дека банкарскиот сектор има на располагање преку 600 милиони евра слободни пари за финансирање на домашната економија. Покрај тоа, девизните резерви на НБ се преку 3 милијарди евра и сето тоа ја гарантира целокупната финансиска стабилност на државата.
На крајот Заев рече дека врз основа на информациите од премиерот Спасовски, државата гради капацитети за следен четврти пакет на мерки во периодот кој што претстои за да им помогне на граѓаните, на вработените и на економијата.
„Сето тоа е важно да го кажам заради предвидливоста и за граѓаните и за домаќинствата и на економијата за периодот кој што претстои пред нас“, рече Заев. (М.Ј.)