Заев поднесе оставка како премиер и лидер на СДСМ


Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ја честиташе победата на Данела Арсовска како градоначалник на Скопје и најави дека тој ја презема одговорноста за поразот на изборите. Тој најави дека поднесува оставка на премиерската функција и на функцијата лидер на СДСМ.

За поразот тој ги посочи големите пари вклучени на изборите дојдени од разни странски извори. Тој изрази лична разочараност од исходот, порачувајќи дека не е тешко заминувањето од политиката, туку е тешка помислата за одлуката на нашиот народ. 

„И во вакви околности останувам на ставот дека не треба да има предвремени парламентарни избори“, рече Заев, додавајќи дека ќе остане додека не се создаде нова влада. Тој најави дека останува посветен и на партијата во наредниот период.

„Престојат две и пол неповторливи години за работа и економски успеси од кои бенефит ќе имаат целиот наш народ и државата. Ќе останам во периодов да помогнам да се реорганизира нова влада, со прогресивно мнозинство кое го има и постои, а може и да се зголеми. Јас лично како човек сум дел од СДСМ и прогресивнот народ и останувам во првите борбени редови“, рече премиерот.

Тој рече дека е горд што ја внесе Македонија во НАТО и верува дека за неколку месеци имаме шанси да почнеме преговори и со ЕУ. Го спомна и успешно направениот  попис, пред да го изрази разочарувањето што бил видлив сојуз помеѓу луѓе кои на 27 април биле во Собранието на спротивставени страни. 

„Ред е граѓаните да поддржуваат почитичари кои носат тешки одлуки“, рече Заев.

Досегашниот градоначалник Петре Шилегов исто така ја честиташе победата на Данела Арсовска, независна кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ. 

 „Благодарам од моето семејство, на прекрасната екипа со која изминавме четири години во Скопје и каде изградивме неизбришливи трагови, нашите булевари, мостови, кејови и зелени кровови кои никој не може да ги избрише. Драго ми е што Скопје го оставиме во позиција неговиот развој мора да помине. Ние ќе бидеме тука со сите прогресивни сили да ја продолжиме борбата за Скопје“, рече Шилегов на прес-конференцијата во штабот на СДСМ.