Заев оптимист за законот за државјанство


Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција истакна дека во Владата постои волја да се најде решение за Предлог-законот за државјанство, предложен од Алијанса на Албанците и Алтернатива, кое ќе се базира на европските практики.

Тој не сакаше да навлегува во детали околу можните законски решенија, но рече дека е потребен еден доказ, аргумент, врз основа на кој некој би се стекнал со државјанство.

Премиерот најави дека утре во Собранието ќе има координација за Предлог-законот меѓу пратеничките групи и министрите за внатрешни работи и за правда, се со цел да се дојде до најдоброто законско решение.

– Како претседател на Владата уште во четвртокот вечерта по седницата за пратенички прашања дадов насока до министрите за внатрешни работи и за правда, да подготват идеи, европски практики и да изнајдат потенцијални решенија, коишто ќе се засноваат на докази и аргументации. Нашата волја е присутна исто како и кај две опозициски партии Алијанса на Албанците и Алтернатива и верувам дека ќе најдеме решение, рече Заев, коментирајќи го барањето на Алијанса на Албанците и Алтернатива да се донесе нивниот Предлог-закон за државјанство во Собранието, во спротивно тие ќе ја блокираат работата на законодавниот дом.

Тој нагласи дека не се работи за опструкции, за несакање да се најде решение, туку „за изнаоѓање на трајни одржливи решенија коишто секако нема да предизвикуваат проблем на они коишто немаат државјанства“.

Заев не сакаше да навлегува во детали околу законското решение, но посочи конкретни примери во кој случај на некој граѓанин ќе му следува државјанство.

– На пример, ако повозрасна наша сограѓанка нема државјанство, но нејзините деца поминале одредени години по раѓањето, имаат свидетелства, дошле до одредени документи и тоа би било сериозен доказ како аргумент дека на таа жена треба да ѝ се даде државјанство. Друг пример, ако од стапување во брак поминале осум, 10 или 15 години, а не е издадено државјанство, ќе се најдат практичните аргументации за давање на истото. Ни треба наједноставниот можен начин за да се издадат тие државјанства, но да има барем еден заснован доказ, односно аргумент на основа на кој ќе може службеник да стави свој потпис, да понесе одговорност, преку почитувањето на законите, истакна Заев.