Заев: Новата влада ќе ги решава проблемите дома


Фото: Б. Грданоски

Мандатарот Зоран Заев претпладнево изјави дека новата влада ќе има неколку фокуси кои ќе бидат главно насочени кон домашната политика: ковид-кризата и последиците од неа, но и правосудството, економијата, образованието, економијата и екологијата, како и големи инвестиции во јавното здравство. Тој утринава го достави до Собранието предлог-составот и програмата на новата влада откако ноќеска до доцна по полноќ Собранието на маратонска седница ги констатираше оставките на идните министри и потоа избираше други пратеници.

Заев очекува од идната недела да почне да функционира новата влада затоа што треба институциите во полн капацитет да ги решаваат проблемите.

„Очекувам добра дебата и мнозинство за од следната недела да имаме нова влада. Во фокусот ќе ни бидат решавањата на домашните проблеми, ќе бидеме влада која повеќе ќе се фокусира да сработи дома. Приоритет ни е справувањето со ковид-кризата, здравството, економијата, образованието, економијата и екологијата. Борба за секое работно место и за опстојување на фирмите, проверка на имотот на парите на функционерите, прочистување на судството, посветеност на преговарачките процеси со ЕУ и екологијата“, рече Заев.

Тој зборуваше пред Собранието, а зад него беа сите предложени министри за новата влада. „Со мене се денеска 19 министри, сите заедно се обврзуваме дека ќе влечеме напред, дека ќе работиме уште повеќе и уште подобро, ќе побараме од секој вас уште поголемо учество за подобра иднина. Ајде сите заедно да го направиме секое населено место подобра средина за живеење“, рече Заев.

Иако мнозинството во парламентот е тенко тој очекува дека владата ќе биде стабилна и дека ќе го истера четиригодишниот мандат што се нема случено веќе деценија и пол. Заев истакна дека новиот кабинет е „извонреден состав“ и дека наредните четири години ќе бидат исполнети со „позитива“.

https://www.facebook.com/zaevzoran/videos/317589859581529/