Хаџи Василева најави фокус на предметите од висок јавен интерес и институционална ефикасност


Фото: Б. Грданоски

Новоизбраната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Искра Хаџи Василева, денеска ја презеде функцијата најавувајќи фокус на административните и внатрешните прашања, ефикасно постапување по предметите од висок јавен интерес, како и поголема отвореност кон јавноста.

Хаџи Василева рече дека на почетокот фокусот ќе биде ставен на неопходните административни процедури за успешно функционирање на институцијата по што следуваат одредени внатрешни прашања, организација и процеси на годишно распоредување во рамките на институцијата.

Сите предмети што го привлекуваат вниманието на јавноста, вклучително и случаите поврзани со лица на американската црна листа, Хаџи Василева рече ќе се третираат со соодветна динамика, а за одредени детали во тековни истраги постапката е ограничена со законските прописи.

– Предметите за кои постои интерес кај јавноста ќе бидат дел од оние на кои ќе им се даде соодветна динамика. Но, има и многу други предмети што треба тековно да се работат. Оттука, приоритет ќе бидат сите предмети што се однесуваат на ефикасен кривичен прогон, како и случаите за кои е јасно дека јавноста покажува висок интерес – изјави Хаџи Василева.

Државниот јавен обвинител Ненад Савески, по средбата со јавна обвинителка Искра Хаџи Василева, на која ѝ почнува мандатот како раководител на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, и на јавниот обвинител Ислам Абази, чиј мандат заврши и се враќа на работа во Вишото јавно обвинителство во Гостивар, им посака успех и успешна работа/ Фото: Б. Грданоски

Во однос на буџетот на Обвинителството и дали ќе биде доволен за борбата против криминалот, Искра Хаџи Василева рече дека секако ќе биде предизвик, но и дека има мали позитивни импулси и мало зголемување на буџетот, што е добар показател.

– Ќе се трудиме со ресурсите што ги имаме да го направиме најдоброто што можеме. Јас така гледам на работите. Во меѓувреме, ќе продолжиме да се залагаме за обезбедување дополнителни ресурси бидејќи буџетските прашања се само еден од аспектите. Како што знаете, неколкупати беше посочено и од страна на републичкиот јавен обвинител дека има голем дефицит во јавнообвинителската служба. Имаме недостиг и на стручни службеници и на јавни обвинители. Ресурсите се тие што ги имаме во моментот, а наша задача е да се обидеме да постигнеме максимална ефикасност со нив. Секако, борбата за повеќе ресурси останува во континуитет – изјави Хаџи Василева.

Според Хаџи Василева, влијанија од разни центри на моќ (политика, бизнис и интересни групи) постојат, но клучни се професионалниот став и интегритетот на обвинителите во однос на овие влијанија.

– Не станува збор единствено за влијанија од политичарите. Во текот на работата чувствуваме влијанија од разни центри на моќ, од бизнис-секторот и од други интересни групи. Суштината, како што сме кажале и претходно, е во тоа како ние ќе се поставиме во однос на тие влијанија. Тука се гледа нашиот интегритет. Влијанија имало, има и веројатно ќе има, но прашањето е како ние ќе се однесуваме кон нив – порача Хаџи Василева.

Прашана за одделението за постапување по предмети поврзани со полициски службеници и неговата ефикасност, Хаџи Василева рече дека разговарала и со актуелниот раководител на тоа одделение и дека смета оти ова одделение е навистина оптоварено со голем број предмети.

– Веројатно во иднина треба суштински да се размислува за позицијата на ова одделение и за пристапот кон прашањето на одговорноста на полициските службеници. Таа одговорност е широка и опфаќа и дисциплинска и кривична одговорност. Сметам дека тука има простор за подобрување, а знам дека и раководителот на одделението го дели ова мислење. Тоа ќе биде едно од прашањата со кои ќе се занимаваме во почетниот период – изјави Хаџи Василева.

Искра Хаџи Василева беше избрана за раководителка на ОЈО ГОКК на изборите одржани на 28 октомври годинава кога освои 64 гласа од вкупно 171 важечко гласачко ливче. За функцијата конкурираа и јавните обвинители Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ и Јован Цветановски.

Изборот на нов раководител на ОЈО ГОКК беше спроведен поради истекувањето на мандатот на досегашниот раководител Ислам Абази, кој беше избран на функцијата во октомври 2022 година.

Хаџи Василева е втор шеф на ОЈО ГОКК што се избира на непосредни избори со тајно гласање од сите јавни обвинители во земјата.