Пецаков конечно се јави: „Згрозен сум“


Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, остро го осуди насилниот настан што го потресе градот и побара надлежните институции да постапат брзо, ефикасно и правично. Во својата реакција, Пецаков истакна дека е згрозен од случувањето, нагласувајќи дека ваквите настани не се одлика на Охрид и не смеат да се случуваат во градот.

„Како личност и како градоначалник згрозен сум, Охрид е згрозен! Ги повикувам надлежните институции брзо, ефикасно и правично да постапат. Јавно се оградувам и стојам на страната на правдата и Законот. Насилството не е решение“, порача Пецаков.

Тој посочи и дека повторувањето на насилни случаи од ваков карактер укажува на потребата од итни законски измени, со кои, како што наведува, поинаку ќе се уредат постапувањето и третманот на насилниците.

Основниот суд во Охрид, на предлог на Обвинителството, му одреди  првично мерки на претпазливост на Кристијан Корабоски, осомничен за физичкиот напад врз Сара Ѓорѓиевска, која по бруталното претепување заврши во болница.Наместо притвор, судот по барање на обвинителот, одредил Корабоски да не смее да ѝ се приближува на Ѓорѓиевска на растојание помало од 50 метри.Дополнително, од осомничениот треба да биде одземен пасошот, со забрана за издавање нов, а секој втор понеделник тој ќе има обврска да се јавува.