Заев на средба со лозарите во Неготино: Ќе продолжат инвестициите за нови приходи
Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска на средба со лозарите во Неготино истакна дека во изминатите три години покажале што значи вистинска грижа за земјоделците и земјоделството, оти е решен е долгогодишниот проблем на лозарите кои имаа побарувања од Повардарие и Стефани и дека за 8.000 денари се зголемила субвенцијата за развојните производители на грозје со површина 1 до 10 хектари.
Заев, придружуван од кандидатките за пратенички Лолита Ристова и Љупка Стојанова, истакна дека земјоделството е важна гранка во економијата и дека ќе продолжат инвестициите за нови приходи од плодната македонска земја.
-Преку финансиска поддршка од 3,5 милиони евра ги стимулираме преработувачите на грозје и винариите да произведуваат нови продукти, алкохолен дестилат. Овозможуваме јавни приватни партнерства во лозарството преку модернизирање и ставање во функција на капацитети во производство на преработки од грозје со цел понатамошно уште посилно развивање на лозарството, како земјоделска гранка која се повеќе и повеќе извозува, рече Заев.
Осврнувајќи се на досегашните достигнувања, Заев рече дека се зголемија субвенциите, кои се исплаќаат редовно, навремено и неселективно, а трудот на земјоделците се цени и вредннува.
-За овие три години, овозможивме директна и индиректна поддршка во земјоделството во историски рекорден износ од над 430 милиони евра. Ја воведовме зелената нафта. 200 милиони денари завршија назад кај 55.000 земјоделци. Поддршката за млад земјоделец ја зголемивме од 10.000 евра на 20.000 евра. Се намали надоместокот за регистрација на винарска визба, и тоа за винарските визби со капацитет до 30.000 литри годишно намалувањето е од 10.000 денари на 1.500 денари, а за винарските визби со капацитет над 30.000 литри годишно намалувањето од 10.000 на 5.000 денари, наведе Заев.
Додаде дека дека до 2024 година се обезбедува целосно бесплатна сто отсто субвенционирана „зелена“ нафта за сите земјоделци, двојно повеќе пари за поврат на персоналниот данок за земјоделците, инвестиции во откупно дистрибутивни центри и големи плантажи и системи за наводнување како и бесплатна едукација за користење на ИПАРД средства и современи технологии во производство.
-За следниот мандат финансиката поддршка во земјоделството ја планираме на 200 милиони евра годишно, или 800 милиони евра за цел мандат. Е тоа е вистинска грижа за земјоделците. Затоа на 15 јули земјоделците ќе изберат повисоки субвенции, сигурен пласман и повеќе пари во своите буџети и нема да дозволат никој повторно да гази врз нивниот труд, заклучи лидерот на СДСМ.