Заев на Фејсбук: Мицкоски се дрзна гласањето за помош за граѓаните да го нарече тероризам


Премиерот Зоран Заев попладнево на својот фејсбук профил упати честитки до пратениците, претседателот на Собранието и до собраниските служби за усвојувањето на законите од петтиот пакет антикризни мерки.
 
– Упатувам честитки до пратениците од парламентарното мнозинство кои се справија со сите блокади и најдоа начин овие важни закони за граѓаните конечно да бидат усвоени.
Честитам и на Собранието, Претседателот Џафери и собраниските служби кои обезбедија соодветни услови за работа и кои спроведоа гласање според сите протоколи со целосна заштита на здравјето на сите пратеници и целосна изолација на двајцата позитивни.
Огромни честитки и до заболените пратеници кои и во вакви околности се вложија целосно, покажаа одговорност, беа на висина на задачата и гласаа за носење на законите и во интерес на итната потреба на граѓаните, напиша Заев.
 
Додава дека со згрозување ја примил информацијата дека лидерот на опозицијата го оценил овој чин како тероризам.
 
– Мицкоски се дрзна гласањето за помош за граѓаните да го нарече тероризам, а за крволочниот напад на Собранието на 27 април во кој и тој беше дел, сѐ уште не нашол начин и волја да го осуди. Очигледно е дека ваквото неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ, ваквото безобразно блокирање на народната волја во Собранието е директно мотивирано и предизвикано од Мицкоски. Мицкоски и неговиот соработник Апасиев правеа сѐ да си ја задоволат пустата желба да предизвикаат проблем во владејачкото мнозинство, при тоа решени да одат до крај дури по цена на загрозување на личната економска егзистенција на илјадници граѓани кои ја чекаат помошта. Доказ за нивната фрустрација е последниот очаен потег со кој Мицкоски бара од Претседателот на државата да не ги потпишел усвоените закони со што уште еднаш непромислено потврдува дека работи против народот и дека презема чекори народот да не добие помош. Но, попусто им е, напиша Заев на Фејсбук. 
 

Честитки до граѓаните, Собранието денеска ги усвои законите со кои ќе се реализира петтиот пакет економски мерки за…

Posted by Zoran Zaev on Sunday, April 18, 2021