Претседателот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски на својот Фејсбук профил напиша дека со храбрите и решителните одлуки на СДСМ, Македонија веќе четири години е горда членка на најмоќниот воен сојуз – НАТО.

-Во пресрет на одбележување на годишнината од членството во НАТО, ми беше чест што со претседателот на Собранието Јован Митрески, со поранешните премиери, поранешната министерка за одбрана Радмила Шеќеринска, како и со поранешните пратеници, амбасадори, но и носители на високи државни функции, имавме можност разговаравме за придонесот на секој од нас во реализацијата на целиот процес, за придобивките од членството, како и за позицијата на Македонија како членка на НАТО, напиша Ковачевски. 

Денес, додава Ковачевски, нашата држава е фактор за стабилност во регионот и пошироко.

-Безбедносната стабилност носи економски просперитет, а странските инвеститори ја препознаваат Македонија како сигурно место за вложувања. Тоа значи подобри работни места за нашите граѓани, повисоки плати и раст на животниот стандард. НАТО беше првата стратешка цел и успеваме да ја исполниме, посочува Ковачевски.

Искажува увереност и нова победа на 8 мај, по што, како што пишува, проевропската Влада на СДСМ и коалицијата ќе ја исполни и втората стратешка цел – членство во Европската Унија