Заев и Радев со Меркел и Макрон, се договориле да продолжи дијалогот (ВИДЕО)
Премиерот Зоран Заев во рамките на Самитот на ЕУ за Западен Балкан оствари заедничка средба со претседателот на Франција Емануел Макрон, канцеларката на Германија Ангела Меркел и претседателот на Бугарија Румен Радев.
На средбата, на која присуствуваше и заменик-претседателот задолжен за европски прашања Никола Димитров, била изразена посветеноста на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан со што бил потврден стратешкиот интерес на Унијата за ова прашање. Премиерот Заев изразил благодарност за оваа определба и потенцирал дека е од огромно значење што лидери како претседателот Макрон и канцеларката Меркел преземаат чекори со кои ги помагаат изнаоѓањата на решенија за билатералните спорови, кои влечат корени од минатото.
„Потребен е поглед кон иднината за да се решат билатералните спорови кои влечат корени од минатото“,бил коментарот на премиерот Заев.
„Им ги споделив очекувањата и јасните определби на македонските граѓани за европска иднина на Северна Македонија и дека итно се потребни европски чекори од страна на сите земји-членки на ЕУ со цел да не се дозволи разочарување на нашиот народ, а со тоа и зголемување на ризиците од засилување на ретроградните националистички струи“, дополнил Заев.