Заев и Маричиќ на средба со шефицата на набљудувачите на ОДИХР
Премиерот Зоран Заев и министерот за правда Бојан Маричиќ примија делегација на мисијата за следење на локалните избори на канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), предводена од шефицата на мисијата Тана де Зулуета.
Премиерот Заев и министерот Маричиќ на средбата истакнаа дека сите подготовки за спроведување фер и демократски избори за градоначалници и за совети во општините во надлежност на Владата се спроведени во целост во согласност со препораките на ОБСЕ-ОДИХР, вклучувајќи и поголем дел од оние кои се однесуваа и на Изборниот законик.
Тие на средбата соопштија дека со прифатените амандмани на Изборниот законик кои поминаа со големо мнозинство од сите политички партии во Собранието, се обезбедени дополнителни гаранции за спроведување на локалните избори според највисоки стандарди.
Како дел од прифатените амандмани е и предложеното дополнување во Законот со кој се зголемувањето на отчетноста, транспарентноста и контролата на државните ресурси за време на изборниот процес. Во таа насока, за остварување целосен надзор, сите државни институции се задолжени до Државната комисија за спречување на корупцијата да достават податоци за сите моторни возила со кои располагаат со цел увид во нивното користење за време на изборите и спречување на евентуални злоупотреби.
Премиерот Заев на средбата со претставниците на набљудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР нагласи дека Република Северна Македонија доби високи оценки за организацијата на последните три изборни претседателски, парламентарни и локални избори, и дека се имплементирани сите дополнителни барања за унапредување на изборниот процес вклучувајќи го новиот начин на идентификација со отпечаток од прст за што во избирачкиот список со новите амандмани е додаден и посебен бар код за поголема контрола на гласањето.
Шефицата на мисијата на ОБСЕ-ОДИХР Тана де Зулуета информираше дека овие локални избори набљудувачката мисија ќе ги следи со 20 долгорочни и 250 краткорочни набљудувачи, кои ќе пристигнат неколку дена пред денот на изборите.
На средбата беше потврдено дека изборите ќе се спроведат под строга контрола и со почитување на утврдените протоколи за организирање безбедна кампања и гласање во услови на актуелната пандемија со КОВИД-19.