Заев го прекина одморот и отиде во Будинарци


Премиерот Зоран Заев, министрите Јагода Шахпаска и Венко Филипче, и директорот на ЦЅК, Стојанче Ангелов на линијата на пожарите

Премиерот Зоран Заев предвреме се врати од летниот одмор и денеска го посети беровско Будинарци, едно од местата каде што се закануваат пожарите.

Шумите лесно се палат, а тешко се гасат – порачувам да внимаваме сите, да ја ставиме безбедноста на прво место и да ги спречиме сите ризици кои може да предизвикаат пожар, објави премиерот Зоран Заев на својот профил на Фејсбук.

– Беровско Будинарци е уште едно од македонските населени места кои се исправија пред огнот и заедно со пожарникарите, со своите мештани и со солидарната помош се борат за безбедност и за спас на околината, наведува Заев.

Тој во објавата потенцира дека во овие денови на регионална солидарност, уште еднаш упатуваме огромна благодарност за помошта која е веќе на теренот, а пристигна од Србија, од Словенија и од Австрија, како и за двата авиони кои пристигнуваат од Романија.

– Ситуацијата ја следиме постојано и будно, во постојана ангажираност и координација се сите капацитети на државата и заедно со граѓаните и со пријателската помош заедно ќе се справиме со оваа опасност, додава Заев во објавата на својот фејсбук-профил.

Владата вчера објави дека премиерот од 3 до 12 август ќе го користи летниот одмор, но дека е во постојана координација со останатите членови на Владата и со службите кои работат на теренот.