Заев го праша Радев кога се појавил на настан на Македонците во Бугарија


Премиерот Зоран Заев  му порача на бугарскиот претседател Румен Радев дека се појавил на настани на бугарските зрдуженија многу повеќе отколку на слични организирани од другите помали заедници во Македонија. Тој сепак не сакаше директно да ја коментира изјавата на бугарскиот претседател дека има дискриминација на тие што се изјаснуваат како Бугари во нашата држава.  

„Нема да си дозволам преку медиуми да реплицирам на одредени ставови на претседателот Радев или на високи претставници на Бугарија. Зоран Заев се појавил на манифестации на бугарските здруженија многу повеќе во последните години отколку на македонски, албански или турски во државата. Подигнавме споменик на полковник Гарванлиев. Сме покажале респект оти се работи за наш сосед, но и за граѓани со определба Бугари во нашата земја. Дај да видам колку пати нивните политичари во Бугарија се појавиле на одредени манифестации на помалку бројни заедници во Бугарија“, порача Заев.

Во однос на исполнувањето на критериумите, Заев вели дека Европската Унија е таа што оценува.

„Јас реков, тоа е работа на ЕУ. Кога ќе одлучат да го продолжиме процесот, нека ни се јават. Ние, во меѓувреме, продолжуваме со европеизацијата овде, имаме сериозни процеси за спроведување на агендата ‘Европа дома’, што значи унифицирање на царинскиот тарифник, што е дел од поглавјата што ние веќе го правиме. Во делот на унапредување на сите други аспекти од општествениот живот, исто така, секојдневно работиме, затоа што нашиот пат кон Европската Унија, всушност, значи европеизација овде“, рече Заев.