Заев е против разрешување на Регулаторната комисија за енергетика
Мандатарот за состав на нова влада и лидер на СДСМ, Зоран Заев, е против разрешување на Регулаторната комисија за енергетика, што е едно од барањата на граѓаните кои протестираат против одлуката на РКЕ за зголемување на цената на струјата за 7,4 отсто.
„Јас ги видов сите аргументи и образложенија на Регулаторната комисија и мислам дека македонскиот парламент не треба да посегнува по никакви одлуки за нивно разрешување“, изјави денес Заев одговарајќи на новинарско прашање во Клубот на пратеници по средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на која беше постигнат договор за парламентарно мнозинство за формирање влада.
„Отворени сме за дебата, ќе разговараме многу за сите овие прашања, но јас сум убеден дека ако успеавме со многу политики за враќање на парите на граѓаните, не значи дека треба да ги премолчуваме аргументите кои што се основа пред Регулаторната комисија на самите чинители на електричната енергија“, додаде Заев.
Тој исто така рече дека зголемувањето на цената на струјата е меѓу 100 и 150 денари од просечните сметки кои што стигаат кај граѓаните и дека на тој начин се создаваат и покапацитетни државни институции, како што е ЕСМ и МЕПСО.
Елаборирајќи во врска со барањата за разрешување, односно укинување на РКЕ, Заев рече дека станува збор за независно регулаторно тело, како и дека е важно Регулаторната комисија одлуките да ги носи врз основа на аргументациите на пресметковна цена на производителот на струја, ЕСМ, преносниот систем МЕПСО и ЕВН.
„Во делот на новата одлука на Регулаторната комисија, врз основа на учеството на ЕВН цената на струјата е намалена за 1,10 проценти. Зголемена е цената на струјата за 7,4 проценти врз основа на барањата на ЕСМ и на МЕПСО“, рече Заев додавајќи дека МЕПСО барале зголемување на трошоците за 80 отсто, а ЕСМ за 30-40 отсто, а било прифатено 12,5 односно 10,5 отсто.
„И тоа апсолутно се должи на последиците од корона кризата и неповолната состојба со хидроакумулациите“, рече Заев.
Тој ги коментираше и тврењата дека бројот на вработените во овие компании се причината за цената на струјата.
„Бројот на вработени некогаш е поголем, некогаш помал, сега е стандардно ист и влијае со минорни проценти врз цената на струјата. Тие луѓе работат таму во производството и во преносниот систем“, рече Заев.
Тој додаде дека ако се направи споредба, до денес имаме една од најевтините цени на електричната енергија во регионот.
„Ако направите споредба на цената на струјата со просечните плати во државата, исто така ќе видите дека во споредба со сите други земји ние сме пак на најниско ниво“, рече Заев.
Тој нагласи дека пазарната цена на струјата денес е 55 евра од мегават час, кај нас е 38,4 евра, како и дека нашиот пазар е отворен и либерализиран, но дека сепак има поевтина цена на струјата заради капацитетите на домашните државни компании, пред се ЕЛЕМ како производител кој ги покрива потребите за физичките лица, односно граѓаните – потрошувачи со 70-75 отсто.
Секогаш граѓаните може да одат и на отворениот пазар, да набават струја, истото важи и за компаниите“, рече Заев. (М.Ј.)