Заев до Села: Зошто да дадам оставка, за вие да дојдете на власт?


Немам дополнителен коментар на изјавите на Села. Само ќе прашам зошто. Должен е да каже зошто. Ако не каже тогаш тоа е желбата за пуста власт, вели денес премиерот Зоран Заев од Сарај, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали ќе поднесе оставка од функцијата.

Тој потенцира дека Села и Мицкоски ќе дојдат на власт, но само ако заслужат од граѓаните.

-Зошто да поднесам оставка? За да дојдат Мицкоски и Села? Тие ја користат грозотијата на трагедијата. Болката е искрена кај сите нас. Се додека вака се однесуваат ќе губат на избори. Јасна е сликата кај нашиот народ и јасен е изборот, одговори Заев.

Тој уште еднаш повтори дека нашите модуларни ковид-болници се исти како во целиот свет.

– Модуларните болници се безбедни и градени согласно  стандардите. Тие се истиот тип како и насекаде во светот. Тие спасија илјадници животи и во моментот во нив се лекуваат околу 200 наши граѓани, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Тој нагласи дека проверките во модукарните болници се засилени и дека се контролираат и од противпожарен и од безбедносен аспект.

– Трагедијата не погоди сите, ќе ја паметиме цел живот, изгубивме животи. Да сочекаме, да ги видиме форензичките извештаи за да превенираме во иднина, рече Заев, одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на новата приватна инвестиција во Општина Сарај.

Во однос на оставките на министерот и заменик-министер за здравство, Заев уште еднаш повтори дека одлуката ќе ја донесе по форензичкиот извештај за несреќата.

– Воедни единствено од чувството на одговорност и човечност бевме таму за да видиме дали можеме уште од првите моменти да преземеме нешто. Тоа беше единственото чувство. Се друго е политиканство и политика кои некој сака да ги води. Тврдам дека нашиот народ тоа го препознава кога е на мака целата нација, кога изгубивме 14 наши граѓани во катастрофално трагична несреќа, се злоупотребува болката на целата нација, рече Заев.