Заев: До крајот на септември ќе се знаат раководителите на институциите под извршната власт


Премиерот Зоран Заев очекува до крајот на септември да бидат именувани раководните лица на сите институции под надлежност на извршната власт. Тој денеска во Кавадарци изјави дека има намера најдоцна до крајот на неделата да ги достави до Собранието предлозите за заменици-министри.

– Сакам после празникот, најдоцна до крајот на неделата, да ги доставам предлозите до Парламентот, а понатаму тој ќе одлучи кога ќе ја закаже седницата. Веќе почнуваме заедно со министрите да ги утврдуваме и државните секретари бидејќи тоа е спефицична област каде има посебни законски услови. Верувам дека до крајот на септември ќе ги поставиме или ќе ги обновиме со раководни позиции сите институции кои се директно под извршната власт, изјави Заев, пред средбата со лозарите.

Рече дека мнозинството во Парламентот е стабилно и оти со добри политики и дијалог очекува тоа само да расне, а никако да опаѓа. На дел од пратениците, како што најави, планира да им понуди раководни места во државата.

–  Верувам дека во следните неколку дена, Собранието ќе направи верификација на мандатот на следниот пратеник на листата по Јагода Шапхапска за да оформената коалиција од 62 пратеника ја потврдиме комплентно. Имам намера на дел од пратениците кои се избрани да им понудам раководни места во државата така што контиунирано согласно законот следните пратеници на листата ќе влезат во Парламентот, рече Заев, одговарајќи на новинарски прашања.