Заев до Груевски: Доста делиш задачи, дојди и одлежи ја казната


Фото: Б. Грданоски

 

Во неделата пред конгресот на ВМРО-ДПМНЕ избеганиот Никола Груевски ги засили нападите врз Зоран Заев и Венко Филипче обвинувајќи ги дека биле дволични (и дома и надвор), што предизвика реакција на Заев. Поранешниот лидер на СДСМ го обвини Груевски дека од бегството во Унгарија дели задачи во македонската политика, наместо да ја одлежи затворската казна. Во објавата на Фејсбук, Заев, меѓу другото, вели:

„Тебе навистина ти е досадно, нели?! Човеку, ти навистина не знаеш што да правиш со самиот себе. Овие твоите те слушаат, гледам дека секојдневно им делиш задачи. Можеше да ја одлежиш казната, тоа малку што ти го дадоа, бидејќи да бев јас некој друг и да се мешав во правосудството, ти ќе добиеше многу повеќе. Но, јас не сум како тебе и твоите, јас сепак се борев за слободна и демократска Македонија.

Да ја одлежеше тогаш казната и да покажеше достоинство кон народот на Македонија, денес ќе можеше од тука, од Македонија, да зборуваш пред нашата јавност, наместо од бегство да пишуваш епопеи за кои тука се тера мајтап дека никој не може и не сака да ти ги дочита до крај.

За разлика од тебе, неуспешниот и поразен ‘боксер’, ние пред политиката се занимававме со сопствена работа, и тоа успешно. А сега, кога скоро пет години сум во политичка пензија, нема ден да не ме спомнете. Толку ли комплекси сте си натовариле?

За разлика од тебе, којшто се капеш во украдените пари на граѓаните на Македонија, јас достоинствено работам и своето време и натаму ќе го трошам на работа, а не на серијали писанија посветени на тебе. Тоа значи дека ова е една од ретките прилики кога го добиваш повторно моето внимание.

Затоа, ти предлагам, најди си нешто да работиш. Најди си некое хоби, занимација, да ти ‘годи’ додека се разубавуваш. Научи ли гулаш да правиш?“

Постот завршува со порака дека верува оти ќе дојде ден кога Груевски ќе се појави во Македонија и „добро знае каде ќе треба директно да оди“, алудирајќи на затвор. Заев нагласува дека, дури и да бил жеден, „Русија капка вода нема да му даде, а камоли бизнис“, завршувајќи со порака „До свидания Никола!“ и потсетување дека Македонија е „полноправна членка на НАТО“.