Заев: „Бомбите“ нема да важат за случаите по 30 јуни 2017 година
Изработена е нова верзија за законот за СЈО, во која во одредени сегменти се прифаќаат голем дел од сугестиите на ВМРО-ДПМНЕ и веќе се испратени до претставникот на најголемата опозициска партија, истакна премиерот Зоран Заев на работилницата „Гаранција за млади“ во организација на Агенцијата за млади и спорт.
Тој очекува дека денеска да биде разгледана од страна на опозицијата, а веќе утре да почнат преговорите на ниво на работни групи.
-После овие сугестии што ги прифативме врз основа на нивните амандмани, направен е значителен исчекор, рече Заев и додаде дека тоа всушност беше и побарано од Европската делегација и Венецијанската комисија, а се почитувани и црвените линии за овие работи. „Не заради тоа што Венецијанската комисија и Европа тоа го бараа од нас, туку заради нашиот правен систем и принципите за кои сите се залагаме“, рече Заев.
Премиерот рече дека ги знае сите детали во четирите аспекти каде што се направени промените кои, како што рече, имаат сериозен импакт врз суштината на амандманите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ. Заев очекува по овие промени процесот да успее и замоли тоа да се случи побргу поради парламентарната процедура.
Во однос на барањето на опозицијата за исфрлање на „бомбите“ како доказ, премиерот рече дека тоа е прашање што е прифатено.
-„Бомбите“ или т.н. материјали за неовластено прислушкување нема да бидат во ова доказна постапка во идното работење на Јавното обвинителство во Република Северна Македонија. Таму јасно стои во членот 105, ставот 4, дека „бомбите“ веќе нема да бидат во доказната постапка, а материјалните докази нормално дека постојат, тие се живи, рече Заев
Појасни дека „бомбите“, што веќе се во судска постапка во 18-те предмети на СЈО, ќе продолжат и натаму да се користат, додека за предметите после 30 јуни 2017 година тие нема да бидат докази во постапките.