Заев: Блокадата од Бугарија е непријателски чин


Премиерот Зоран Заев вечерва малку го омекна тонот во обраќањето кон Бугарија по вчерашниот остар говор, но сепак оцени дека она што го направи Бугарија не може да се смета ниту за пријателство ниту за пријателски чин. Блокадата на Бугарија за одредување на преговарачката рамка е „непријателски чин, затоа што тоа е директно кршење на членот 2 од Договорот за добрососедство“. Зборувајќи на Телма, Заев рече дека за да може да се гради едно пријателство тоа мора да биде двострано, инаку не би можело да се зборува за пријателство. Но дека нема друга алтернатива освен да продолжат преговорите со Бугарија до изнаоѓање компромис со кој нема да им се наштети на македонските граѓани, на македонскиот идентитет и јазик.

„Со ова губи Македонија, губи Бугарија, а особено губи Европа. Ние очекуваме Европа да го чува нашиот македонски идентитет и јазик. Но нема што друго да правиме освен да продолжиме понатаму и затоа специјалниот претставник Владо Бучковски и државниот секретар во МНР, Зоран Попов беа во Софија“, рече Заев.

На прашањето на главниот уредник на Телма, Атанас Кировски, дали кога веќе се знаеше дека има вето од Софија можеби требаше да се почека барем една недела, Заев одговори дека со чекање всушност македонската држава нема ништо да добие. „Мора да продолжиме, но не по секоја цена. Чуму ни е членство, па и да не стават да членуваме на Марс, ако не го имаме идентитетот“, рече премиерот.

Сите знаеме дека Кирил и Методиј се словенски просветители и дека не може некој да ги присвојува или глаголицата да ја кажува како сосптвена азбука, рече Заев, одговарајќи на прашањето за преименувањето на празникот 24 Мај од страна на бугарското собрание.

Не само што немаме територијални претензии, туку немаме намера да се мешаме во внатрепните работи. Тие работи се решаваат на меѓународно ниво, нагласи Заев околу прашањето за македонското малцинство.

Тој уште еднаш ги отфрли наводите на лидерот на опозицијата дека минатата недела се распарчувала Македонија и дека тоа е неодговорна политика. „Се виде со ветото дека ниту одел некој во Софија да преговара, ниту дека ќе ја распарчува Македонија“, наведе Заев.

Околу дилемите дали треба и Македонија да одреди свои црвени линии кога ќе преговара, Заев појасни дека тогаш и „нема да има преговори, секој ќе си остане на своето и дипломатијата нема да добие шанса“. „Лесно им е на земјите што се внатре на топлото, ние сме се уште надвор на ладното, сакаме да влеземе внатре, затоа треба да се искористат сите алатки на преговарањето“ – на ваков начин премиерот објасни зошто ние не оцртуваме цврсти црвени линии.

Заев зборуваше и за тоа дека бугарската профашистичка влада на 1 март 1941 година му се приклучила на Тројниот пакт и дека како наградата добила територии од Југославија и Грција. „Не може да се нарече присуството на бугарската војска како администрација туку окупација. Тоа се историските факти. Но тоа не значи дека бугарскиот народ бил фашистички“, рече Заев.