Заедничка фотографија на новата влада, се сокрија министрите од ВМРО-ДПМНЕ

Бидете спокојни, ќе дадам се од себе заедно со тимот кој од ваше име е составен денеска да ги исполни вашите очекувања, порача Талат Џафери за нивното отсуство


Фото: Б. Грданоски

По свечената изјава на министрите во составот на техничката влада, нејзиниот претседател Талат Џафери даде прва изјава во својство на премиер, но посочи дека нема што посебно да додаде од она што го кажал во експозето при претставување на програмата и на составот на Владата од собраниската говорница.

-Можам уште еднаш да потврдам дека со восхит, со чиста совест и со полна одговорност преземам задача која граѓаните преку нивните претставници ми ја доверија. Останувам доследен дека работата на Владата ќе биде транспарентна, отчетна, одговорна, пред се пред граѓаните и пред нивните претставници, во интерес на добробит на граѓаните и на напредокот на државата, истакна Џафери. 

Го коментираше тоа што во заедничката фотографија на техничката Влада по нејзиниото изгласување на 141-вата седница ги нема министрите од ВМРО-ДПМНЕ Панче Тошковски и Ѓоко Велковски, кои во идните 100 дена ќе раководат со министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика и им порача на граѓаните да не ги загрижува сликата што ќе ја видат без нив.

-Бидејќи работата на Владата ќе биде суштинска заедно со нив, затоа што и тие исто како и ние што сме на сликата имаат законска обврска да одговорат на обврската што ја презеле од вас преку оние што гласаа за составот на Владата, но таа обврска е преземена и од тие што не гласаа воопшто, што не беа во салата. Тоа е сликата што сте навикнати да ја гледате и во работата на Собранието – пред камери се зборува едно, а зад камерите после, кога треба да се работи, поинаква е комуникацијата. Затоа не грижете се, бидете спокојни, јас ќе дадам се од себе заедно со тимот кој од ваше име е составен денеска да ги исполни вашите очекувања. Секој кој ќе постапи спротивно, се коси со законот. Во оваа држава има многу закони и прописи што треба да се спроведат, изјави Џафери, обраќајќи им се на граѓаните.

Инаку, пред изборот лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервју најави дека заедничкото работење во Владата ќе биде „хаос“ и дека ќе има „тегнење за коси“, што јавноста го свати како закана за опструкции. Тој исто така претходно најави дека министрите на ВМРО-ДПМНЕ ќе одат на седници на Влада само ако мораат, т.е. ако има некоја сериозна криза во државата, а во редовна ситуација ќе ги праќаат замениците министри – уште еден уникатен изум на оваа политички незрела партија со изговор – дека не го поддржуваат Џафери како премиер, иако го гласаа за нивни министер кога беа на власт.   

Во изјавата го коментираше и излагањето на Левица на седницата, порачувајќи дека „тие што спомнале тужби и пријави“ во двата мандата, а особено во вториот мандат, на своите гласачи и граѓани ќе биде добро да им одговорат колку од тие тужби што ги поднеле, ги добиле односно кој е резултатот од тужбите што ги поднеле.