Забрчанец го оцени Славески како нервозен партиски инфлуенсер


 

Гувернер на Народна банка мора да биде фигура на доверба, стабилност и интегритет, а не партиски првоборец во костум на независен регулатор.

Скандалот со незаконското кочење на изборот на вицегувернери, отворената кавга со новинар и префрлањето вина на сите други, дополнително ја разголуваат неспособноста на Славески да ја носи тежината на функцијата со институционална одговорност и демократска култура. Во комбинација со долгогодишната партиска биографија, антиработничките ставови и инфлаторниот „оптимизам“ во време кога граѓаните реално сиромашат, станува јасно дека неговото останување на функцијата ја подрива довербата во монетарната политика и ја засилува политичката и економската нестабилност на државата, пишува во поширока објава на Фејсбук комуникацискиот консултант Марјан Забрчанец.

Тој наведува дека Славески е долгогодишен истакнат кадар на ВМРО-ДПМНЕ, член на партиски органи и автор на програмски документи, што е во судир со потребата за непартиски гувернер.

„Уште при изборот беше критикуван како „теснопартиски, а не експертски избор“, што ја еродира довербата во независноста на Народната банка дома и кај меѓународните партнери.

Има спорен политички и управувачки багаж. Беше разрешен како министер за финансии, а како претседавач на Советот на Град Скопје беше еден од носителите на хаосот во Градот, предизвикувајќи конфликт со градоначалничката, застој на проекти и институционален распад.

Избран е за гувернер со значителен број гласови против и силен отпор од опозицијата, а новите скандали (инфлацискиот оптимизам, несериозните колумни, блокадата на вицегувернерите и кавгата со новинар) само потврдуваат дека мандатот го води кон уште подлабока поларизација и пад на довербата во Народната банка“.

Според Забрчанец, Славески беше еден од најгласните противници на зголемувањето на минималната плата и мерките во корист на работниците.

Неговиот профил систематски ја става монетарната и економската политика во функција на интересите на капиталот, со игнорирање на реалната состојба на сиромашните и презадолжените граѓани.

Славески во јавните настапи несериозно ја релативизираше инфлацијата наведувајќи дека главна причина било поскапувањето на авионските летови, занемарувајќи ги широките ценовни удари врз храна, енергенси и основни трошоци, со што ја навредува интелигенцијата на граѓаните и ја потценува длабочината на кризата.

„Македонија е веројатно единствената држава со гувернер кој пишува колумни за гуми, кочници, сообраќајна култура и влијание на сејф сити врз потрошувачка на гориво, наместо да комуницира сериозни анализи за инфлација, ценовни шокови и системски ризици“, наведува Забрчанец.

Тој го истакнува и проблемот со истечениот мандат на две вицегувернерки се истечени, а опозицијата обвинува дека Славески незаконски го кочи изборот на нови вицегувернери, со прекршување на законските рокови и ризик по легитимноста на одлуките на Советот на НБ. Се бара итна истрага за неговото постапување, предупредувајќи дека финансиската стабилност не смее да биде жртва на политички игри и неспособност.

На прашање од новинар зошто доцни изборот на вицегувернери, Славески влезе во јавна кавга, избегна јасен одговор и ја префрли вината целосно на Собранието, искажувајќи иритација и обвинувајќи за уреднички „напади врз Народната банка“.

„Ваквиот конфронтациски однос кон медиумите, во ситуација кога постојат сомнежи за незаконско постапување, дополнително ја руши довербата и покажува дека не е подготвен да преземе институционална одговорност“, вели Забрчанец.

Понатаму, тој ги наведува другите кандидати кои беа во споменувани да бидат гувернери: Анита Ангеловска‑Бежоска, гувернерка претходничка на Славески („Со неа како избор, НБ ќе имаше континуитет без блокирани вицегувернери или кавги со новинари и јасен сигнал на предвидливост кон меѓународните партнери“.

Маја Кадиевска‑Војновиќ, поранешна вицегувернерка и членка на управни и надзорни одбори во банкарскиот сектор (Не е перцепирана како прв партиски „економски пулт“ и нема конфликтен јавен ПР. Нејзиниот профил наликува на класичен, стабилен банкар од висок ранг“).

Борче Треновски, универзитетски професор и член на Советот на Народната банка. („Тој е академски профил, веќе вграден во институционалната култура на НБ, со искуство во анализи и монетарна политика и висок кредибилитет во економските и финансиските кругови“).

Зоран Ставрески, поранешен министер за финансии („еден од ретките од владата на Груевски за кој експертската и широката јавност коментира дека покажал свесност за лошите политики на неговиот премиер“).