За ВМРО-ДПМНЕ фрлањето бекатон плочи врз полицајци е „мирен“ протест
ВМРО-ДПМНЕ им изрази поддршка на луѓето кои, според оваа партија, мирно протестирале во Тетово „како реакција на отсуството на одговорност кај власта поради запалената модуларна болница во која на трагичен начин животот го загубија 14 луѓе“. Според она што можеше да се види од снимките „мирните“ протести ескалираа во насилство при што еден од учесниците сакаше да нападне полицаец со бекатон плоча, така што ВМРО-ДПМНЕ практично ги амнестира од нападите на службени лица.
-Изразуваме поддршка и за уапсените од протестите кои од власта се прикажани како наводно страшни учесници во толпа, наспроти снимките каде се приведувани во локалните угостителски објекти. Тоа е класичен израз на немоќ и паника, каде наместо со истрага, СДСМ и ДУИ удира пендреци по народ.ВМРО-ДПМНЕ ги осудува сите обиди за политизација на протестите од страна на СДСМ и ДУИ. Потрагата по правдата и вистината за пропустите на Филипче не смее да биде попречена од политизацијата наметнувана од владата на СДСМ и раководството на ДУИ.
Меѓу протестантите имаше и членови на семејствата на настраданите во несреќата, и нивната болка е поголема кога власта неоправдано ги третира како хулигани, што е срамно и безкрупулозно.Наместо Филипче, Заев и Хасани да трошат енергија за дефокусирање на истрагата и политизирање на незадоволството, нека си поднесат оставка и да ја ослободат истрагата од притисоци. Вистината мора да се дознае и мора кривична одговорност за надлежните, стои во реакцијата на оваа партија, која барем 30 пати дневно има што да каже, а со оваа реакција застана зад насилството место зад институциите.
Инаку, во вчерашните протести беа повредени дури четворица полицајци. Судирите со полицијата настанаа откако дел од демонстрантите се обидоа да стигнат до седиштето на ДУИ, а претходно фрлаа со јајца по општинската зграда. Петмина беа приведени и на сите нив денес им беше изречена мерка притвор од осум дена. Тие се обвинети за кривичното дело „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие од член 384 став 2 од Кривичниот законик“. За четворица од нив постапка се води и за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедност од член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик“.