Kредитите од ЕИБ со каматна стапка од 1,6 отсто


Со поддршка на Владата, преку Развојната банка која ќе ги пласира средствата преку деловните банки во економијата ќе се вбризгаат 100 милиони евра евтин капитал по исклучително ниски каматни стапки, најави денес на прес конференција премиерот Зоран Заев 

Станува збор за кредити по исклучително поволна повластена каматна стапка, која за првите транши би изнесувала до 1,6 отсто.

„Имено, денес Владата донесе одлука за субвенционирање на каматата која Развојната банка ја плаќа кон ЕИБ при повлекувањето на овие средства“, рече Заев. 

Со оваа кредитна линија за која што беше потпишан договор меѓу Министерството за финансии и Европската инвестициона банка ќе се поддржат најмалку 300 проекти на мали и средни претпријатија.

Условите под кои ќе се даваат кредитите до фирмите се исклучително поволни, со рок на отплата до 12 години и вклучен грејс-период од 2 години, зависно од тоа дали кредитите ќе бидат наменети за инвестиции или зголемување на потребите за обртни средства.

„За нашата земја овие 100 милиони евра кои директно ќе се вбризгаат во домашната економија, кои ќе значат нови инвестиции, зачувување на работните места и можност за отворање нови“, рече на прес конференцијата премиерот Заев. Трошокот на Владата за оваа мерка изнесува 4 милиони евра, додаде тој.