За шест месеци реализирани 44,4 отсто од приходите и 46,7 отсто од расходите во Буџетот


Владата денеска го разгледа и усвои Извештајот за извршувањето на Буџетот на Република Северна Македонија во периодот јануари – јуни 2020 година.
Во полугодишниот извештај за извршување на Буџетот кој е реализиран во услови на пандемијата од КОВИД-19 и во вонредна состојба, во резимето се констатира дека бруто-домашниот производ во првиот квартал годинава забележа годишен раст од 0,2 отсто на реална основа, при позитивен придонес врз растот на домашната побарувачка и негативен придонес на нето-извозот, во услови на пад и на извозот и на увозот.
Бројот на вработени во првиот квартал е повисок за 2,7 отсто во однос на истиот квартал во 2019 година, а бројот на невработени се намали за 8,6 отсто, што резултираше со намалување на стапката на невработеност на 16,2 отсто.
Во резимето на Извештајот за извршувањето на Буџетот се вели дека стапката на инфлација во првото полугодие од 2020 година изнесува 0,5 отсто, што е главно резултат на зголемените цени на храната за 1,7 отсто, при намалување на цените на енергенсите.
Вкупните буџетски приходи се реализирани во износ од 87.437 милиони денари, што претставува 44,4 отсто од планираниот износ за 2020 година, а вкупните расходи се реализирани во износ од 113.387 милиони денари, што претставува 46,7 отсто од годишниот план.
Согласно извештајот, во периодот јануари-јуни 2020 година остварен е дефицит на Буџетот од 25.950 милиони денари, што претставува 3,8 отсто од проектираниот БДП за 2020 година, државниот долг на крајот на првиот квартал од 2020 година изнесува 41,8 отсто од БДП, додека јавниот долг 50,7 отсто од БДП.