За СДСМ предложениот ребаланс на Буџетот е катастрофално лош и е на штета на работниците и економијата


За СДСМ предложениот ребаланс на Буџетот е катастрофално лош, бидејќи, како што наведуваат во соопштение до медиумите, во него нема пари за раст на платите во ниту еден сектор, ниту за покачување на минималната плата, а нема пари ниту за работниците пожарникарите, војниците, полицајците, образованието.

„Наместо политики за подобрување на животниот стандард на работниците ВМРО-ДПМНЕ ги понижува работниците и ја враќа политиката во која Македонија е рај за евтина работна сила. Со вака скроен ребаланс власта на ВМРО-ДПМНЕ го отвора патот кон должничко ропство на граѓаните, со јавен долг од 68%“, посочуваат од СДСМ додавајќи дека наместо фискална консолидација имаме фискална деструкција и зголемување на дефицитот за 35%.

Со ребалансот ВМРО-ДПМНЕ не предвидува пари за исплата на финансиска помош по основ на инвестиции за домашните компании. Помалку пари се предвидени за капитални проекти а намалени се и парите за капитални инвестиции. Се менуваат ставовите, се намалуваат пари и во неизвесност се ставаат стратешките инфраструктурни проекти со финансиска поддршка од ЕУ.

Намалени се средствата за ИПАРД програмите за земјоделците. Се укинува авансната исплата на субвенциите за земјоделците и се крати Интервентниот фонд. 

Власта не предвудува пари за покачување на социјалната заштита ниту пак за покачување на детската заштита. 

Одземени се финансиските средства кои беа планирани за реформата на системот за заштита и спасување.

Намалени се парите за националните сојузи на инвалидските здруженија и за  граѓанските организации кои се борат против семејното насилство. 

Ребалансот не е скроен според потребите на македонската економија туку на владејачката коалиција, се вели во соопштението.