За СДСМ предлогот за намалување на бројот на пратеници е лицемерен
Координаторот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата, Јован Митрески, ги нарече лицемерни настапите на ВМРО-ДПМНЕ , бидејќи даваат поддршка за изборни измени, па потоа ги блокираат.
-Прво зборуваа за намалување на бројот на пратеници, а сите знаеме дека до пред три години имавме дополнителни уште три пратеници од дијаспората со што нивниот став се докажува дека е лажен и лицемерен. Дополнително, кога зборуваме за намалување на бројот на пратеници од 120 на 90, сите знаеме дека за тоа треба да има уставни измени, односно во Уставот е регулирано дека бројот на пратениците може да биде од 120 до 140 пратеници. И, освен што се лицемерни, и освен што лажат, со отварањето на Уставот прават дополнителна штета на државата, затоа што во овие турбулентни времиња за тоа прашање треба посериозен разговор помеѓу сите политички партии, меѓу сите пратенички групи, разговор којшто треба да обезбеди консензус пред да се даваат било какви изјави и пред да се пуштаат било какви предлози во собраниската процедура и во јавноста, рече Митрески.
Тој спомена исто така дека предлогот за една изборна единица е уште од 2016 година, но беше блокиран од ВМРО-ДПМНЕ со илјадници амандмани за да не дојде воопшто до разговор на таа тема.
-Околу укинувањето на техничката влада кажавме и претходно и стоиме на тоа и денес, дека за сите овие прашања дека треба да се обезбеди консензус, а ВМРО-ДПМНЕ таков консензус нема обезбедено досега ниту со нивниот коалиционен партнер, Алијанса за Албанците. Нашиот став е јасен – за сите овие прашања треба да се разговара, да се отвори дијалог, да се отвори начин за да обезбедиме консензус. Начинот може да го најдеме, имаме време за тоа бидејќи изборите ќе бидат во 2024 година, така што заедно сите со консензус да обезбедиме квалитетни законски решенија кои ќе значат поголема демократизација на државата, рече Митровски.
Според него, СДСМ е конзистентен по ова прашање бидејќи и тогаш и сега бил за една изборна единица.
Ние и тогаш кажавме дека сме за една изборна единица и дека треба да разговараме за сите модалитети на таа една изборна единица. Прво, гледат дека и денес има различни ставови, едни зборуваат за една изборна единица со праг, други без праг, може да се отвори прашањето за колкав да биде тој праг, дали 2 отсто, 2.5 отсто, дали од запишаните, дали од излезените гласачи…Се отвара о прашањето за помалите етнички заедници односно за загарантираните места за помалите еднички заедници. Тоа е сложен процес за којшто треба да обезбедиме консензус од сите, на крајот најдобро ќе биде за сите ако направиме нешто што значи поголема демократизација на македонското општество, рече Митровски.