За Русите веќе нема живот ни на Кипар


ЛИМАСОЛ, Кипар – Пиејќи кафе во кафуле покрај плажа, Алексеј Волобоев скрола надолу на групниот разговор на Телеграм со наслов „финансиска помош во Кипар“.

„Ова е сега руската банка на Кипар“, се насмеа рускиот бизнисмен.

Групата, која веќе има околу 1.600 членови, служи како црн пазар за размена на рубљи и евра – трансакција која сега е се потешка откако Москва испрати свои војници во Украина. Не само што ЕУ воведе санкции кон Русија, туку и Кремљ воведе свои ограничувања за трансакциите со странски банки.

„Продавам готовина 3.200 евра за 74 рубли за евро“, гласи еден. Друг: „Продавам 20.000 евра“.

Кога првите санкции на ЕУ го погодија рускиот финансиски систем, тие силно се почувствуваа во Лимасол. Градот  преполн со туристи неодамна стана рај за Русите во странство. Локалните жители дури го нарекуваат „Лимасолград“. Но, одеднаш, на големата руска заедница во градот и се замрзна имотот. Многумина не можеа да пристапат до нивните банкарски сметки, а трансферите на пари од Русија беа ограничени.

Кипарците беа погодени како од гром, сфаќајќи дека ги губат т своите омилени клиенти. Туроператори, сопственици на хотели, сметководители, адвокати, агенти, изведувачи – речиси сите беа погодени. Тогаш се активираа групите на Телеграм, ад хок напор за одржување на секојдневниот живот. Но, со постојано нестабилната ситуација, новите санкции кои редовно пристигнуваат и војната што трае веќе четврти месец, владее голема неизвесност кај нив.

„Одеднаш има русофобија во кипарскиот банкарски систем“, рече Волобоев, кој своевремено основаше политичка партија на Кипар, но рече дека на крајот се разочарал од корупцијата во земјата.

„Имам кипарски и руски пасош“, додаде тој. „Но, банките не се заинтересирани за мојот кипарски пасош, тие велат: Ти си Русин, не можеме да ти помогнеме. Многу од моите пријатели ги префрлија своите пари во Бугарија или на друго место надвор од ЕУ“.

Многу кипарски компании кои работеа со Руси се затворија, а некои поранешни Руси очекуваат да се преселат од островот. Сепак, во исто време, нов бран Руси, Украинци и Белоруси – или незадоволни или раселени – се обидуваат да ги преселат бизнисите на Кипар. Руското присуство е сеприсутно во Лимасол, каде што сонцето сјае бескрајно, а температурата овие денови редовно надминува 30 степени. Знаците на продавниците кои нудат маникир, облека, адвокати, сметководители – речиси сè – се напишани на руски и англиски јазик. Големите облакодери неодамна подигнати покрај брегот, кои повеќе наликуваат како за Дубаи отколку за древниот медитерански остров, физички го претставуваат приливот на руски пари. Големи билборди низ целиот град рекламираат раскошни станови.

Влезете во автобус, што Русите ретко го прават, и ќе забележите дека станиците се најавуваат прво на руски, па на грчки. На улиците има продавници за крзно и руски ресторани. Во бујната марина, рускиот јазик е вообичаен како и грчкиот.

„Една од безвременските карактеристики на Лимасол е менувањето“, рече градоначалникот на Лимасол, Никос Николаидис. „Тоа никогаш не беше статичен град, туку беше пристанишен град, отворен , град кој постојано добиваше влијанија од надвор од светот.

Назад во 1980-тите, кога избувнаа конфликти на Блискиот Исток, либанските бизнисмени се собраа на медитеранскиот остров. Локалните жители сè уште нарекуваат еден дел од градот „Ридот на Шеикот“. Во раните 1990-ти, постсоветските личности како Слободан Милошевиќ патуваа со куфери полни со готовина на островот, кој долго време служеше како банкарски дом за руските богаташи, од трговци со оружје до коцкарски босови и сопственици на порнографски веб-страници. И тие го фаворизираа Лимасол, кој сега има заедница на руски јазик од околу 50.000 жители во град од  237.000 жители.

„Кипар ја немаше таа несреќа да ги има горчливите искуства од минатото како што ги имаа нашите европски партнери со Советскиот Сојуз. Тоа е во сосема поинаков агол на гледање на европскиот континент  и нашиот најголем проблем доаѓа од земја на НАТО“, вели генералниот секретар во кипарското МНР, Корнелиус Корнелиу, мислејќи на Турција, која го окупира северниот дел на островот. Корнелиу истакна дека Кипар не размислува за поддршка на санкциите на ЕУ за Русија, но предупреди дека таквите санкции на крајот би можеле да бидат бумеранг на Европа.

„Ако оваа војна потрае, на крајот би можеле да дојдеме до точка каде што ќе предизвикаме реакција во јавното мислење и нема да можеме да носиме одлуки“, тврди тој.

Градоначалникот на Лимасол  го отфрли прекарот „Лимасолград“ како претерување:

„Постоењето на жители кои зборуваат руски јазик во Лимасол на деловно, социјално и културно ниво беше предност за градот, позитивно присуство и ние би сакале тоа да се одржува“, вели тој.

 

Руската заедница остана на островот и по кипарската банкарска криза во 2013 година, што ја поттикна земјата да почне да ги одврзува финансиските јазли со самата Русија. Сепак, тековното присуство не е само избор на начин на живот. Во пресрет на финансиската катастрофа, владата им даде на многу Руси сопственички акции во кипарските банки во замена за нивните загуби, што практично ги направи главни чинители во банкарскиот систем на земјата. Сепак, тензиите се зголемија во последниве години.

САД во 2018 година го притисна Кипар да ги продолжи своите истраги за руско перење пари. Во 2020 година Кипар ја суспендираше својата контроверзна шема „Златна виза“, која на странците им даваше пасош во замена за огромни локални инвестиции. Овој потег внесе тешкотии во висококвалитетниот градежен сектор во Лимасол, при што неколку издигнати кули запреа во средината на градбата. Потоа избувна војната.

Во Лимасол, илјадници Украинци долго време се мешаат во руската заедница. За Кипарците, тие во суштина беа една група. Сега соживотот е покомплициран.Повеќе од 10.000  Украинци неодамна пристигнаа, бегајќи од војната дома и сместувајќи се покрај илјадниците Руси.

„Лимасол беше посебно општество каде што, и покрај големиот процент на жители кои не се кипарски, имаше многу силна социјална кохезија и добар однос меѓу сите и меѓусебно почитување“, рече Николаидис, додавајќи: „Војната беше шок за сите“.

Катерина Калухина (24) пристигна од Украина пред четири месеци, токму во моментот кога се наѕираше воинствената реторика на Москва. Нашла работа како келнерка во кафуле во сопственост на руски бизнисмен. Потоа започна војната.

„Малку е непријатно, во моментов сум заглавена со толку многу Руси, но сега има и многу украински бегалци овде“, рече таа. „Не ми се допаѓа кога луѓето почнуваат да разговараат за ситуацијата во Украина и се чувствував особено лошо кога ги видов поддржувачите на Русија со руски знамиња“.

Соузана, од Грција, работи во продавница за облека. Таа рече дека руски клиенти неодамна спомнале дека биле бркани по улица откако луѓето ги слушнале дека зборуваат руски.

„Кипарците не гледаат во стилот „какво е ова срање?“, вели Волобоев, руски бизнисмен. „До пред два месеци сите бевме само Руси за нив“.

Локалните бизнисмени и власти го опишуваат деловниот егзодус од Лимасол во деновите по почетокот на војната. Затворени беа бројни компании кои работат исклучиво со Руси бидејќи санкциите ги направија нивните операции неодржливи. Мали бранови  се уште се шират. Кон крајот на март, RCB Bank, заемодавец создаден како подружница на руската ВТБ банка, објави дека ќе ги прекине банкарските операции. Рускиот танкер оператор „Совкомфлот“ исто така треба да го затвори својот бизнис во Кипар.

„Јас и мојот сопруг навистина не мисливме да живееме постојано тука, но досега не сме помислиле да заминеме“, рече Кејт (31), Русинка која работи како сметководител, пиејќи кафе во кафуле во сопственост на Руси во центарот на Лимасол. „Сега размислуваме за тоа, ќе видиме како ќе биде во наредните месеци“.

Артем Палеев, маркетинг партнер во адвокатската фирма Корпус Права, која работи во Русија, Кипар, Хонг Конг и Латвија, рече дека компанијата изгубила 10 отсто од своите клиенти за еден ден – во суштина сите што немале пасош на ЕУ.

„Но, има и многу клиенти со ризик од ликвидност кои во основа не можат да вршат плаќања поради санкциите“, додаде тој. „Ова е оперативен проблем, не значи дека го изгубивме овој бизнис, но засега има проблем со ликвидноста“.

Корнелиу, генерален секретар на Министерството за надворешни работи, рече дека иако некои фирми се затвораат, има и зголемен број руски, белоруски и украински претприемачи, главно од ИТ секторот, заинтересирани за основање бизнис во градови како Лимасол.

„На краток рок, билансот ќе биде сигурно негативен“, рече тој. „Економските врски со Руската Федерација и со Украина секако беа многу тесни. Ако треба да избираме меѓу економските интереси и почитувањето на меѓународното право, тоа не е прашање на избор. Но, ние исто така треба да ги интензивираме нашите напори да најдеме други извори на приход “.

Николаидис, градоначалникот на Лимасол, сè уште нема бројки за тоа колку компании го напуштиле градот. И останува да се види дали новите компании ќе ја покријат неизбежната празнина.

„Тие во моментов се во фаза на истражување, но нестабилноста во Украина, Русија и Европа, генерално, е пречка за нив да донесат конечни одлуки дали да останат на Кипар или да одат во Дубаи или на друго место“, рече тој.

Еден сектор со недвосмислени последици е туризмот. Пред војната, Русите сочинуваа 25 отсто од вкупните пристигнувања на Кипар, а најбогатите летуваа во Лимасол и Пафос. Хотелите се обидуваат да таргетираат нови пазари, но за таква промена ќе биде потребно време.

„Стапката на искористеност во Лимасол моментално е 30-35 проценти, додека претходните години веќе би била околу 70-75 проценти. Русите пристигнуваа рано во летото“, рече Филокипрос Русунидис, шеф на кипарската федерација на хотелиери.

Додека во центарот на Лимасол може да има полуизградени кули, една прошетка понатаму во внатрешноста на земјата ќе покаже дека другите градежни работи продолжуваат со несмалено темпо. Наместо луксузни облакодери, се градат поскромни куќи и канцеларии – погодни повеќе за високата средна класа отколку за олигарсите. За агентите за недвижности цените продолжуваат да растат, особено кај месечните кирии. Еден од тие агенти, Петрос Лазару, рече дека три компании контактирале со него во последните неколку месеци прашувајќи за канцеларии и домување за нивните вработени, по околу 150 луѓе.

„Нашиот сектор нема да умре, тој ќе биде реконституиран и преклопен“, рече Киријакос Јордану, генерален директор на Институтот за овластени сметководители на Кипар.

„Би било добро да имаме големи индустрии, како во Германија или во Франција, но ние сме мала земја со море и сонце, па се враќаме на услугите“, додаде тој. „Нашиот ум мора да се промени, а не нашиот бизнис модел“.

Јордану вели дека Кипар моментално ја живее „доктрината за дерусизација“. Но, проблемот, тврди тој, не е националноста на инвеститорите, туку сомнителната природа на нивниот бизнис.

„Нашиот бренд е проблематичен затоа што земјата и нејзината политичка елита беа идентификувани со руските олигарси“.

Адвокатите и сметководителите во градот, исто така, сакаат ЕУ да понуди повеќе детали за тоа кои точно санкции се применуваат за кои компании. Во најмала рака, тие сакаат блокот да им дозволи на Русите да ги платат долговите кон кипарските компании за услугите понудени пред да бидат симнати санкциите. Иако ги разбираат причините за казнувањето на Русија и ја поддржуваат одлуката на владата да ги поддржи санкциите на ЕУ, локалните работници се загрижени дека се наѕира речиси целосна забрана за водење бизнис со Русите – без разлика каде живеат. Поточно, постои страв од забрана за нудење ревизорски или правни услуги на Русите кои живеат во Лимасол.

„Потоа ќе преминеме од финансиски на расистички санкции“, вели Јордану. „Ќе имате мрши без гробари насекаде“. (Политико)