Политичар од германските социјалдемократи тешко претепан во Дрезден


матијас Еке има неколку скршеници на коските и треба да биде опериран

 

Политичарот од германската партија СПД, Матијас Еке, е во болница поради сериозни повреди здобиени во напад на група насилници во Дрезден. Истата група нападна и политичари на Зелените. Истрагата за политички мотивирано насилство ја води државната безбедност.

Матијас Еке е член на Европскиот парламент и главен кандидат на социјалдемократите на претстојните европски избори. Тој бил нападнат додека лепел плакати на улица во областа Дрезден-Стризен и ќе мора да биде опериран, се вели во соопштението на СПД на Саксонија.

Според информациите на „Билд“, Матијас Еке се здобил со скршеници на коските и веднаш по нападот бил во несвест.

Групи насилници напаѓаа, навредуваа и заплашуваа други екипи кои лепеа плакати.

„Нашиот помошник исто така беше удиран со тупаница по лицето, клоци. Фала му на Бога што не беше толку тешко повреден како господинот Еке и можеше да си замине дома откако беше прегледан и укажана од екипата на брза помош која дојде на местото на настанот“, изјави Валентин Липман, претставник на партијата Зелени од Дрезден во покраинскиот парламент, наведува „Билд“.

Портпаролот на полицијата во Дрезден за „Шпигел“ изјави дека наводните сторители биле облечени во црно и дека сведоците ги сместиле во „десничарскиот спектар“. Сите тие се мажи и се проценува дека се на возраст од 17 до 20 години. Државната безбедност води истрага оквалификувана како политички мотивирано насилство со нанесување опасни физички повреди.

Политичарите на СПД се ужаснати од нападот. Саксонскиот министер за економија Матијас Дулиг изјави за „Шпигел“: „Едноставно не можам да верувам колкава омраза и презир имаат десничарите во нашата земја кон луѓето“.

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД) остро го осуди овој сериозен чин на насилство.

„Уставната држава мора и ќе одговори на ова со остра акција и натамошни заштитни мерки за демократските сили во нашата земја“, рече Фезер во изјавата, велејќи дека нападот врз Еке е исто така „напад врз демократијата“.

Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола беше една од многуте европски политичари кои сочувствуваа со Еке, велејќи во објавата на Икс дека е „згрозена од злобниот напад“.

На национално ниво, бројот на напади врз политичари на партии претставени во парламентот е двојно зголемен од 2019 година, според владините бројки објавени во јануари. Фезер рече дека вербалното непријателство на екстремистите и популистите кон демократските политичари е делумно одговорно за порастот на насилството.

Домашната разузнавачка агенција БфВ вели дека екстремно десничарскиот екстремизам е најголемата закана за германската демократија.

Според владините податоци, со најголема агресија се соочуваат политичарите од партијата на Зелените. Нападите врз нив се зголемени седум пати од 2019 година, на 1.219 минатата година. Политичарите на АфД пријавија 478 напади, а СПД 420.