За Путин западните санкции се како „објава на војна“

Рускиот претседател Владимир Путин ги опиша санкциите воведени од западните земји поради неговата инвазија на Украина како „слични на објава на војна“.
„Но, фала му на Бога, не дојде до тоа“, додаде тој.
Путин, исто така, предупреди дека секој обид да се воведе зона на забранети летови над Украина ќе се смета за учество во вооружениот конфликт.
Тој ги отфрли предлозите дека ќе воведе вонредна состојба или воена состојба во Русија.
Путин ова го изјави додека зборуваше со група стјуардеси во центарот за обука на „Аерофлот“ во близина на Москва.
Од почетокот на руската инвазија пред 10 дена, Западот воведе низа санкции кон Русија, вклучително и замрзнување на странските средства на Путин и исклучување на голем број руски банки од меѓународниот платен систем Свифт.
Покрај тоа, многу мултинационални фирми престанаа со работа во Русија, во саботата „Зара“, „Пејпал„ и „Самсунг“ станаа најновите светски брендови кои го прекинаа тргувањето таму.
Економските мерки веќе предизвикаа пад на вредноста на рубљата и ја принудија руската централна банка да ги удвои каматните стапки.