За праведна транзиција во енергетиката се потребни 3 милијарди евра


Под претседателство на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, се одржа состанок на Советот за праведна транзиција, на кој беа разгледани и усвоени клучни точки од реформската агенда и планот за праведна транзиција за 2025 година. Овој Совет, составен од претставници на институциите, компаниите, работните групи и локалните заедници, има централна улога во управувањето и координацијата на процесот на праведна транзиција во Македонија.

На состанокот се дискутираше за неколку значајни точки:

Одобрување на Годишниот план за имплементација на праведната транзиција за 2025 година (Just Transition Annual Implementation Plan 2025) – Планот ги опфаќа клучните активности, проекти и интервенции кои ќе бидат спроведени во 2025 година, како и управувачката структура и ресурсите потребни за успешна реализација.
Управувачката структура за праведната транзиција – Презентирани беа предлозите за градење капацитети во институциите и компаниите, со посебен акцент на обезбедување координирана и ефективна имплементација.
Извештај за спроведените активности и следните чекори – Членовите на Советот беа информирани за досега реализираните активности и обврските кои треба да се завршат до крајот на месецот, вклучително и доставувањето на потврдениот план до Европската унија.
Работните групи за обновливи извори и складирање, економска транзиција и обука и преквалификација веќе го разгледаа планот и дадоа свои коментари и предлози, кои беа вклучени во финалната верзија. На состанокот учествуваа и претставници од битолскиот и кичевскиот регион, кои ја нагласија потребата од конкретни мерки што ќе им помогнат на локалните заедници во транзициските процеси.

Советот го потврди Годишниот план за имплементација за 2025 година, а неговото доставување до крајот на месецот ќе претставува значаен чекор напред во реформската агенда и Планот за раст на земјата.

Министерката Божиновска подвлече дека планот овозможува пристап до 85 милиони американски долари грантови и концесиски средства, додека вкупните инвестиции потребни за имплементација на процесот се проценети на три милијарди евра. Се очекува дека две милијарди евра ќе се мобилизираат преку приватни инвестиции, првенствено во секторот на обновливи извори на енергија, со поддршка од развојни банки и буџетски средства.

„Праведната транзиција е клучен процес за обезбедување на економија со ниски емисии на јаглерод, притоа заштитувајќи ја егзистенцијата на работниците и заедниците. Преку инклузивен и социјален дијалог со работниците, синдикатите, работодавците и заедниците, ќе креираме мерки за ублажување на негативните ефекти, заштита на ранливите домаќинства од енергетска сиромаштија и поддршка за нови бизниси и работни места“, истакна министерката Божиновска.

Советот за праведна транзиција се состанува еднаш месечно со цел забрзување на динамиката на процесот и редовен мониторинг на напредокот.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на транспарентно и одговорно водење на овој процес, обезбедувајќи правичност и инклузивност за сите засегнати страни.