За одењето по невеста со службена кола нема да одговара Гаши, туку раководителот на смена на границата

Со спикерот на свадба со службено возило, на државен трошок, без контрола на границата и со полициска придружба од три возила биле и членови на семејството - иако законски не смеат


Министерството за внатрешни работи извршило „интензивни проверки поврзани со патувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши, во Косово изминатите три дена“, кои вклучиле  преглед на камерите на граничниот премин Блаце, увид во евиденцијата на системот за контрола на патници и возила, како и проверка на книгите на настани и процедури на граничниот премин. Според соопштението на МВР,  во службеното возило на приватна свадба патувале и  членови на семејството на Гаши, а не само тој, иако по светски стандарди тие не смеат да бидат во службени возила воопшто ако не се дел од официјална делегација, при што биле придружувани не од едно – туку од три полициски возила. 

„Според официјалните наоди, планот за патувањето на Гаши е уредно најавен и заведен во евидентните книги по известување од Министерството за надворешни работи на 16 август. Во известувањето се опфатени претседателот на Собранието, членовите на неговото семејство, членови на обезбедувањето и три полициски службени возила.

Преминот на границата на 18 август, во периодот од 18:40 до 18:42 часот, бил извршен со шест возила под полициска придружба, од кои три биле полициски возила и едно ВИП возило.

Министерството утврди дека во системот за контрола на патници и возила, претседателот на делегацијата и членовите на неговото семејство не се евидентирани, и покрај тоа што нивното заминување било најавено. Исто така, констатирано е дека процедурата за евидентирање на сите лица и патници кои поминуваат на граничниот премин не била целосно запазена.

Министерството најави дека за утврдените пропусти во работењето Регионалниот центар за гранични работи Север ќе преземе соодветни мерки за утврдување на одговорност од страна на раководителот на смена на граничниот премин, согласно колективниот договор на МВР, стои во соопштението на МВР.

Во својот извештај, Министерството истакнува дека законите мора да важат еднакво за сите и дека секое оддалечување од законските и работните процедури ќе биде санкционирано. МВР апелира до сите полициски службеници да работат согласно законите и правилата и да ја одбијат секоја „незаконска наредба или непринципиелно барање“, што еден чекор до признавање дека има одговорност на спикерот Африм Гаши, бидејќи тој тоа го побарал.