За Николоски вооружувањето на армијата било “расипништво“, треба ли да нѐ брани со камења?

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски бара од министерката за одбрана, Славјанка Петровска, да одговори на неколку прашања околу набавката на транспортните хеликоптери во вредност од 250 милиони евра. Според Николоски, спорно е распишувањето набавка во изборен период (договорањето на оваа набавка трае веќе две години), а непознато е и зошто е избрана италијанската фирма „Леонардо“, која според Николоски, претходно е поврзана со скандал.
„Дали воопшто Македонија во моментов има потреба од транспортни хеликоптери? За да знае јавноста, станува збор за хеликоптери кои ќе бидат за транспорт на персонал, не за борбени хеликоптери, така што одбранбената готовност на Армијата и на Македонија со ова не се подобрува. Освен тоа зошто во познат изборен период, со распишани парламентарни и претседателски избори се трошат пари. Тоа е расипништво, а може да им се дадат на општините да ги решат проблемите.
Прашање е како е избрана компанијата ‘Леонардо’ од Италија која претходно е поврзана со корупциски скандал, а во овој случај решаваат да дадат ваква јавна набавка и тоа со непосреден договор, под државна тајна, без аукција, без да ги видиме понудите на другите“, изјави Николоски, додавајќи дека ова е расипничко трошење и ќе има одговорност по изборите.
Николоски најави дека ја подготвуваат програмата на партијата и веднаш по парламентарните избори планираат да направат ребаланс на Буџетот за околу 250 милиони евра од капиталните расходи да се спуштат во општините и да бидат дел од пакетот за децентрализација, практично најавувајќи дека откако ќе добијат евентууално власт на државно ниво ќе почнат со подготовка да ја добијат и на локално.