За МКЦ ќе пресече Шилегов, културните работници против Шакири да биде директор


Кој ќе застане на чело на една од ретките институции од областа на културата која во изминатава декада и повеќе во континуитет редеше успеси и внимателно ја негуваше независната културна сцена? Младинскиот културен центар е едно од омилените прибежишта од политизираните секојдневија на илјадници љубители на уметноста од различни генерации.

Град Скопје, под чија капа е МКЦ, го објави конкурсот за избор на директор уште пред неколку месеци, но процедурата беше стопирана поради претседателските избори.
Сега стручната комисија треба да ги разгледа пријавите кои пристигнале и да даде свое мислење до градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Последниот збор за именувањето на директор за МКЦ по функција го има токму Шилегов.

Од Град Скопје за „Независен весник“ велат дека процедурата е во тек и дека на конкурсот пристигнале две пријави. Во периодот кога конкурсот отворен, актуелниот в.д. на МКЦ, Русе Арсов, на прес-конференција на новинарско прашање потврди дека аплицирал, а неколку дена подоцна во изјава за „Независен весник“ аплицирањето го потврди и музичарот Арбен Бени Шакири.

„Пријавите сè уште не се разгледани од страна на комисијата, но се очекува да бидат разгледани до крајот на оваа работна недела. Откако ќе бидат разгледани, согласно конкурсните услови, сите кандидати што исполнуваат услови ќе бидат предложени до градоначалникот, кој треба да донесе одлука за избор во рок од 15 дена. Сакаме да напоменеме дека МКЦ во текот на целиот овој период има в.д. директор задолжен за реализирање на програмските активности на установата и институцијата во текот на овој период работи непречено“, ни одговорија од Град Скопје.

На социјалните мрежи подолг период е активен хаштагот #Не чепкајте го МКЦ под кој многубројни уметници, културни работници и организации отворено ја даваат поддршката за Русе Арсов бидејќи сметаат дека е најкомпетентен за позицијата.
Во текот на вчерашниот ден тие испратија и отворено писмо до премиерот Зоран Заев бидејќи сметаат дека поставувањето друг директор ќе биде партиска одлука, а тоа ќе штети за сиот досегашен друг МКЦ да остане на своето креативно и слободарско ниво.

„Речиси една деценија МКЦ е дом и обединувачки фактор на македонската независна културна сцена. Тој е единствен простор каде што скопската и македонската алтернативна младина добива шанса уметнички и општествено да се изрази без да е обременета со комерцијални стеги. Континуитетот и развојот на МКЦ во последнава декада, но и реализацијата на програмските предизвици, е без преседан во современа Македонија, од осамостојувањето до денес. Конечно, МКЦ Скопје е една од ретките јавни институции, ако не и единствена, која комплетно успешно и без никаква злоупотреба си ја извршува својата работа“, се вели во писмото под кое јавно се потпишани стотици културни работници.

Тие апелираат до Заев оваа институција да биде одмината од популарно најавената „метла“ по институциите бидејќи не треба да се уништува она што функционира. Додаваат дека Арсов е во МКЦ во текот на целиот свој работен век и неговото искуство и познавање на независната сцена и култура се суштествени за продолжувањето на добрата работа на оваа институција.

„Да не бидеме сфатени погрешно, ова не е негативна пропаганда кон господинот Арбен Шаќири, кој деновиве веќе отворено ја прославува новата функција (директорско место во МКЦ Скопје). За него имаме максимална почит како музичар кој повеќе децении работи и опстојува во земја како Македонија. Но повеќе од очигледно е дека господинот Шаќири го нема ни оддалеку потребното искуство да раководи со институција која се занимава со комплексните потреби на независната сцена, чиј дел тој не е ниту, пак, кога било имал интерес да биде“, се вели во писмото.

Кампањата под хаштагот #Не чепкајте го МКЦ деновиве се интензивира, а според она што се споделува е стравувањето дека МКЦ ќе биде жртва на партизација.
Во текот на вчерашниот ден, Шакири не го коментираше објавеното писмо, но пред три месеци во изјава за „Независен весник“ негираше дека е партиски кадар.

„Немам ниту партиска книшка. И да не бидам избран, јас немам намера да ниту да се жалам ниту да кревам врева околу тоа. Јас сум музичар и јавноста добро ме познава, од фелата сум, не аплицирам за директор на гинекологија“, рече тогаш Шакири.
Тогаш и Арсов рече дека не сака да коментира шпекулации, но повика секој што има добра програма да конкурира и да се бори чесно.

Ако процедурата за изборот и именување оди непречено, името на директорот на МКЦ ќе се знае најдоцна до средината на јули.

Ивана Настеска